Господинот Даниел Сервер, кој е специјалист за Балканот во американскиот Институт за мир, вели дека подготовките на новиот Устав ги надминале роковите, така што сегашниот Устав, кој е усвоен за време на владеењето на Слободан Милошевиќ, ќе биде на сила на 16 ноември, кога треба да се одржат изборите за претседател на Србија, што е трет обид во последните 14 месеци.
Кандидатите од претходните избори, Воислав Коштуница и Мирољуб Лабус, одбија да учествуваат на најновите избори, затоа што парламентот одби да ги усвои амандманите на законот со кој се бара одзив од 50 отсто од гласачите, за да може резултатите да бидат валидни.
Господинот Сервер вели дека имало значајни демократски реформи во последните три години по народниот бунт со кој беше соборен Слободан Милошевиќ, а кому сега му се суди за воени злосторства во Хаг. Но, според господинот Сервер, треба уште многу да се стори.
„Голем дел од режимот на Милошевиќ е се уште на власт. Безбедносните сили и судскиот систем се главно нереформирани. А тоа е сериозен проблем“, истакнува тој.
Господинот Сервер, инаку поранешен американски дипломат со долгогодишна служба на Балканот, ги отфрла сугестиите дека Меѓународниот трибунал за воени злосторства во Хаг врши силен притисок врз Белград да ги предаде лицата обвинети од Судот и за кои се верува дека се наоѓаат во Србија.
„Мислам дека не вршат доволно голем притисок. Мислам дека Белград многу силно се противи. Едноставно, факт е дека се уште има голем број обвинети за кои се смета дека се во Србија. А сега има и четири нови, вклучувајќи го и шефот на полицијата“, вели господинот Север.
Тој го поздравува почетокот на дијалогот меѓу Белград и Косово. Тој не е оптимист дека Србија и Црна Гора ќе останат поврзани во единствена држава, забележувајќи дека тие беа обединети како резултат на админситративна мерка за повторно воспоставување на стабилноста по балканските војни, кои доведоа до независност на четири други држави на поранешна Југолсавија.
„Моето прашање би било, па што? Поентата е дека договорот на Солана ја стабилизираше ситуацијата за три години. И уште една година подоцна, јасно е секому дека што и да се случи, тоа нема да биде насилно одвојување“, вели овој специјалист за Балканот.
Господинот Сервер гледа значителен напредок во стабилизацијата на балканскиот регион. Тој нема да биде изненаден ако американските трупи се повлечат од Босна и Херцеговина за една година, но смета дека ќе останат на Косово најмалку уште две години.