Следува уреднички коментар што одразува гледишта на американската Влада:
Како што кажа претседателот Џорџ В. Буш на Генералното заседание на ОН на 23 септември, „терористите ја донесоа својата војна во самите ОН.“ Во напaдот на седиштето на ОН во Багдад од август годинава, терористите убија 22 лица кои работеа на тоа да му помогнат на ирачкиот народ. „Седиштето на ОН беше таму заради воспоставување ред и заради сочувствување со ирачкиот народ“, кажа господинот Буш, „и тоа е причината што терористите решија дека тоа мора да биде уништено“:
"Со изборот на жртвите и со средствата кои притоа ги употребија, терористите ја појаснија војната во која влеговме. Оние чија цел за убиство се хуманитарни работници, себе си се ставија наспроти човештвото. Оние кои го величат убиството и ги слават самоубиствата, откриваат дека се против животот воопшто. На таквите не им е местото во ниту една вера. Таквите немаат право на сочувство од светот и таквите не треба да имаат пријатели во ова собрание", истакна тој.
Пред две години, терористите на Ал-Каида ги нападнаа Њујорк и Вашингтон и убија повеќе од три илјади луѓе. Од тогаш се случија и други теророистички напади на Бали, во Момбаса, Казабланка, Ријад, Џакарта, и Ерусалим, меѓу другите места. Овие настани, кажа претседателот Буш, пред нас ја покажаа најјасната од сите поделби - "меѓу оние кои сакаат мир и оние кои шират хаос, меѓу оние кои работат за миротворни промени и оние кои присвоиле гангстерски методи, меѓу оние кои ги почитуваат правата на човекот и оние кои намерно одземаат животи на мажи, жени и деца, бесрамно и безмилосно".
"Меѓу овие алтернативи," кажа претседателот Буш, "нема неутрална почва":
"Сите влади кои го поддржуваат теророт се соучесници во војната против цивилизацијата. Ниедна влада не смее да ја занемари заканата од теророт, зашто ако се замижи пред тоа, на терористите им се дава шанса да се прегрупираат, да регрутираат и да се подготват“, рече американскиот претседател.
Како што кажа претседателот Буш на Генералното заседание на ОН, сите нации треба да се борат против теророт "како животот да им зависи од тоа".
Тоа беше уредничкиот коментар што одразува гледишта на американската Влада. Доколку имате свој коментар на него, Ве молиме испратете го на адреса: Editorials, VOA Washington DC 20237 USA Можете да реагирате и на адреса: www.IBB.gov/editorials