„Убиства заради чест“ во Јордан - 2003-09-23

Следува уреднички коментар што одразува гледишта на американската Влада:

Таканаречените “убиства заради чест“ во Јордан продолжуваат со алармантна стапка. Неодамна, тројца браќа признаа дека со секира ги убиле нивните две сестри затоа што избегале од дома. Постарата сестра заминала пред речиси две години за да се омажи против волјата на семејството, додека помладата избегала пред три месеци за да и се придружи. Овие “убиства заради чест“ главно ги извршуваат мажите во семејствата. Жена или девојка може да биде убиена ако се омажи за некој кого семејството не го одобрува или пак ако побара развод, ако е силувана, ако е осомничена за неверство, ако се состанува без дозвола на родителите или дури и во случај да е предмет на озборување.

Замени-портпаролот на американскиот Стејт департмент Адам Ерели ги осуди овие, како што кажа, сурови убиства. Вестите за овие убиства, рече тој, се страшен потсетник дека ужасните „убиства заради чест“ и натаму се пречка во напорите на земји како Јордан да ја прошират целосната заштита на законскиот систем на сите граѓани.

Според сегашните закони во Јордан, луѓето за кои ќе се утврди дека се виновни за извршување на “убиства заради честа“, често добиваат лесни казни, како шест месеци затвор. Некои пак воопшто не ни одат во затвор.

Последниве недели, долниот дом на јорданскиот парламент два пати гласаше против воведувањето построги казни за мажите кои убиле жени со кои биле во роднинска врска. Ова мора да се промени. Како што кажа господинот Ерели, време е „владата на Јордан да преземе акција за да обезбеди правна заштита за сите свои граѓани, и да спроведува кривичен прогон за одговорните за овие злосторства.

“Убиствата заради чест“ потекнуваат од бедуинската традиција во Јордан. Кодот на “убиствата заради чест“ има корени во законите Хамураби и асирските закони од 1200-та година п.н.е., со кои невиноста на жената е сопственост на нејзиното семејството. Оваа пракса остана влијателна дури и меѓу урбаните Арапи и подеднакво ги погаѓа и Муслиманите и Христијаните. Според објавените статистички податоци, во просек неделно од рака на своето семејство гине по една Јорданка поради нешто за кое членовите на семејството сметаат дека ги обесчестило. Тоа може дури поради озборување, или пак поради тоа што жената била силувана.

“Убиствата заради честа“ се проблем во многу други земји покрај Јордан. Тие се вршат и во Бангладеш, Египет, Пакистан, Турција, Јемен и Ирак. Во сите земји каде што се случуваат вакви убиства, владите треба да усвојат и да спроведуваат закони против тоа. Сите луѓе, вклучувајќи ги и жените, заслужуваат еднаква законска заштита.

Тоа беше уредничкиот коментар што одразува гледишта на американската Влада. Доколку имате свој коментар на него, Ве молиме испратете го на адреса:

Editorials, VOA Washington DC 20237 USA

Можете да реагирате и на адреса:

www.IBB.gov/editorials

или пак на факс: 202 619 1043