Обраќање на претседателот Буш до нацијата: Ирак е централен фронт во борбата против тероризмот - 2003-09-08

Претседателот Буш оцени дека Ирак сега е централен фронт во војната против тероризмот. Непријателите на слободата, кажа тој, прават очајнички потези на ирачка почва и мора да бидат победени.

„За тоа ќе треба време и потребнo e жртвувањe. Но ние ќе сториме се што е потребно, ќе потрошиме колку што е потребно, за да ја постигнеме таа клучна победа во војната против тероризмот, да промовираме слобода и да ја направиме нашата нација побезбедна“, порача американскиот претседател.

Тој најави дека ќе побара од Конгресот значителен финансиски ангажман од 87 милијарди долари за да се подмират трошоците на натамошните армиски операции и проекти на реконструкција, пред се во Ирак, но исто така и во Авганистан.

Во 18-минутниот говор што го пренесуваа сите главни американски телевизиски мрежи, господинот Буш изнесе аргументи за натамошната американска инволвираност во Ирак. Во време кога постои се поголема критика на неговата политика, особено од членовите на опозиционата Демократска партија, тој категорично зазеде став дека САД во моментот немаат друг избор.

„Блискиот Исток или ќе стане место на напредок и мир или ќе биде извозник на насилство и терор што ќе однесе нови животи во Америка и во другите слободни држави. Триумфот на демократијата и толеранцијата во Ирак, во Авганистан и на други места, ќе биде тежок удар за меѓународниот тероризам“, рече господинот Буш.

Претседателот Буш се осврна и на опонентите на американската интервенција во Ирак. Тој нагласи дека опасноста од тероризмот важи за сите и дека е време да се остават меѓусебните разлики настрана.

„Терористите во Ирак ги нападнаа претставниците на цивилизираниот свет и борбата против нив мора да биде кауза на цивилизираниот свет. Членовите на ОН сега имаат можност и одговорност да преземат поголема улога во тоа да се обезбеди дека Ирак ќе стане слободна и демократска држава“, подвлече претседателот Буш. Ова беше прво телевизиско обраќање на претседателот до нацијата во врска со Ирак од мај- наваму, кога означи крај на главните борбени дејствија во земјата. Се очекува темата Ирак да доминира и во неговиот говор пред Генералното заседание на Обединетите нации планиран за нешто подоцна овој месец.