Тони Блер на распитот кажа дека немал причина да се сомнева во разузнавачките податоци - 2003-08-28

Британскиот премиер Тони Блер на строгиот судски распит кажа дека ја заснова својата политичка иднина врз точноста на контроверзниот владин извештај со кој се документира оружениот потенцијал на Ирак.

Тони Блер на распитот кажа дека немал причина да се сомнева во разузнавачките податоци за тврдењето дека режимот на ирачкиот лидер Садам Хусеин може да нападне со хемиско или биолошко оружје во рок од 45 минути.

Токму ова стана главна спорна точка во септемврискиот извештај на владата на господинот Блер каде беа изнесени докази за војна во Ирак.

Господинот Блер кажа дека доколку има вистина во извештајот на Би-Би-Си во кој се тврди дека неговата влада ги пренагласила информациите за ирачкото оружје, тогаш тој ќе поднесе оставка на премиерската функција.

Господинот Блер сведочеше во истрагата за смртта на главниот британски експерт за оружје, др.Дејвид Кели, кој наводно изврши самоубиство неколку дена откако беше идентификуван дека бил извор на извештајот на Би-Би-Си.

Вчера, главниот советник за разузнавање на премиерот сведочеше дека тврдењето за ирачките можности да нападнат со оружје за масовно уништување произлегло од само еден извор, од висок ирачки воен претставник, што сугерирало информација од втора рака.

Господинот Блер ги отфрли сугестиите дека документот бил причина за неговата одлука да се оди во војна. Според неговите зборови, стратегијата била да не се употреби досието како итна причина за започнување конфликт, туку како повод за навраќање на проблемот со оружјето за масовно уништување на Садам.

Неколку месеци по завршувањето на главните борби бо Ирак, не е пронајдено оружје за масовно уништување и премиерот се соочува на најостри критики во неговото шестгодишно владеење. Во прашање е неговиот кредибилитет и доколку не се појават докази за оружјето за масовно уништување, тој може да биде предмет уште повеќе критики.