Пред Трибуналот за воени злосторства во поранешна Југославија се појавиле 91 обвинет за воени злостроства - 2003-08-18

Десет години по основањето, Трибуналот за воени злосторства во поранешна Југославија со седиште во Хаг, сега функционира со целосен капацитет. Досега пред обвинителите се појавиле 91 обвинет за воени злостроства, а против 38 веќе се водат судски процеси.

Процесот под број ИТ 0259 ПТ е процесот „Обвинителството против Дарко Мрѓа“.

Дарко Мрѓа по вторпат се појавува во судницата, овојпат свежо избричен во костум, со вратоврска и очила. Забележителна е промената во однос на неговото прво појавување минатата година, кога овој поранешен полицаец, Босански Србин, се изјасни дека не е виновен за масакрот на над 200 воени затвореници. Но, неговиот надворешен изглед не беше единствената промена при неговото појавување во судот, овој месец.

„Виновен сум по обвиненијата два и три„, се изјасни тој.

Само неколу дена пред почетокот на судењето, Дарко Мрѓа се изјасни за виновен за убиство и нехумани дела. Со ова, тој директно посочи што им се случило на 200-те несрпски затвореници на 21 август 1992 година. Тие биле издвоени од поголем конвој цивили и им било кажано дека ќе бидат дел од акција за размена на затвореници. Но наместо тоа, мажите биле однесени до еден ѕид, им било наредено да клекнат по што биле застрелани. „Еве каде ние ја правиме размената“, рекол Мрѓа, пред неговите луѓе да почнат да пукаат.

Признавањето на вината од страна на Мрѓа, е 12-то досега. Овој тренд за обвинителите е добредојден. Една од нив, Џудит Армата го нарекува исклучително значаен. Таа е адвокат од Коалицијата за меѓународна правда со седиште во Хаг.

„Од правен аспект, тоа значи неколку работи. Едната е дека се заштедува многу време и трошоци за судскиот процес. Второ, кога тие ќе се согласат да сведочат против соучесниците, случајот треба да се промени. Го имате најголемиот директен сведок, кој може да ви пружи таков вид сведочење. Тоа е исклучително значајно, и подобро не може да биде„.

Процесот под број ИТ 026 ГТ: е случајот „Обвинителите против Благојевиќ и Ѓокиќ„.

Случајот Благојевиќ е вториот судски процес за геноцидот во Сребреница пред овој суд. Двајцата поранешни армиски команданти на Босанските Срби се обвинети за масовно убиство на илјадници муслимански мажи и момчиња во 1995 година, во она што се смета за најголемо злостроство во Европа по Втората светска војна.

Соработката со обвинителите е клучниот фактор што судиите го земаат предвид при изрекувањето на казните. И токму тоа може да се смета за причина за се поголемиот број вакви изјаснувања. Друга причина, велат оние што ја следат работата на судот, можеби е ефектот што го има прифаќањето на вината од страна на високо рангираните личности во командните структури, врз оние од пониските нивоа. Како што тоа беше во случајот со поранешниот претседател на Босанските Срби Билјана Плавшиќ, наследникот на Радован Караџиќ.

Минатата година, Билјана Плавшиќ призна дека раководството, во кое била член, поддржувало план за етничко чистење. Таа стана првиот политички лидер на Балканот кој прифати одговорност за злосторство. Оваа нејзина изјава и обезбеди казна затвор од 11 години, за она што претходно беше оквалификувано како обвинение за геноцид.

„Во тоа време, јас лесно се убедив самата себе си дека тоа беше работа на преживување и самоодбрана„. Таа вели: „всушност тоа беше и нешто повеќе-нашето раководтсво, чиј дел бев и јас, водеше политика чии жртви беа голем број невини луѓе; Објаснувањето за самоодбрана и преживување не е оправдување за тоа„.

Обвинителите велат дека геноцидот е злосторство кое тешко се докажува и затоа во некои случаи ним не им пречи и да го повлечат ваквото обвинение. Сепак, ваквите признанија, не доведоа до радикална промена на ставовите кај многумина Босански Срби за војната. Но, како што вели еден од преживеаните, ова е добар почеток. Сознанието дека нешто страшно се случило полека излегува на виделина. Во меѓувреме, во Хаг, овие признанија веќе се документираат како историски факти.