Арапските земји не сакаат да испратат мировници во Ирак - 2003-08-07

Арапскиот свет го одби американското барање за испраќање мировници во Ирак. Арапските влади не сакаат да пружат поддршка на коалицијата во Ирак под американско водство.

Сирија беше првата арапска земја што одвоено соопшти дека нема да испрати мировни сили во Ирак, велејќи дека со тоа, само би се оправдала американската окупација на оваа земја.

Ваквата реакција уследи по одлуката на министрите за надворешни работи од Арапската Лига во вторникот, да ја отфрлат идејата за испраќање на арапски мировници во Ирак. Генералниот секретар на Лигата, Амир Муса, рече дека наместо да испраќаат трупи, арапските земји попрво треба да го поддржат воспоставувањето на влада во Ирак избрана од народот.

Абдула Ал-Ашал е експерт за апапски прашања, кој предава на неколку универзитети во Египет. Тој вели дека арапските влади веруваат оти по прашњето за мировниците треба да се дискутира само откако американските трупи ќе се повлечат од Ирак.

„Тие сметаат дека ОН како и арапскиот свет ќе се согласат да испратат мировници доколку САД се подготвени да заминат од Ирак. Тие не можат да ги поддржуваат и спасуваат американските војници од ирачкиот отпор и да бидат одговорни за американската окупација. Вака размислуваат арапските влади, вклучувајќи ја и Сирија и која и да е друга арапска земја“, вели тој.

Г-динто Ал-Ашал потсетува дека повеќето влади од арапскиот свет се противеа на војната во Ирак, иако некои имаат блиски односи со САД. Вашингтон неодамна ги повика арапските земји да учествуваат во мировништвото во Ирак, и побара поддршка за привремениот ирачки управен совет, инаку назначен од страна на САД. Досега, само Јордан даде премолчана поддршка на советот. Други арапски земји се изјаснија дека ќе признаат само изгласана ирачка влада - изјава што Западот ја прифати со доза на скептицизам, бидејќи повеќето од самите тие арапски влади не се избрани по демократски пат.