Најнови вести 8-5 - 2003-08-05

Индонезија – Експлозија

13 лица загинаа, а 149 се повредени во голема експлозија на автомобил бомба пред хотелот Мериот во главниот град на Индонезија, Џакарта.

Според извештаите, меѓу жртвите има еден холандски државјанин. Индонезискиот претседател Мегавати Сукарнопутри го посети местото на експлозијата. Белата куќа го осуди нападот, истакнувајќи дека САД се подготвени да и помогнат на Индонезија да ги пронајде сторителите. Шефот на индонезиската полиција изјави дека има сличности меѓу овој напад и бомбашките напади на Бали во октомври минатата година, во кои загинаа над 200 лица. Оваа експлозија се случи два дена пред судот да ја изрече првата пресуда во процесот против исламските милитанти во врска со нападите на Бали.

Ирак

Еден американски цивилен работник загинал во експлозија на патот северно од Тикрит, но се уште не познат неговиот идентитет.

Исто така, американски претставници биле цел на напад во градот Фалуџа, кога врз полициската станица била истрелана граната. Агенцијата Ројтерс јави дека двајца американски војници биле повредени. Ова е втор напад врз истата полициска станица во изминативе два дена. Американски воени претставници изјавија дека во денешната рација, како дел од потрагата по лојалистите на Садам Хусеин во и околу Тикрит биле приведени девет лица, членови на партијата Баат и на паравоените Федаини.

Американски трупи – Пневмонија

Две американски медицински екипи водат истрага за појавата на околу 100 случаи на пневмонија меѓу трупите стационирани во Ирак и во други делови на Персискиот залив.

На денешната прес-конференција, претставници на Одделот за одбрана соопштија дека две лица од американскиот персонал починале, а 15 се приклучени на респираторни апарати. Полковникот Роберт Дефрејтес рече дека екипите за прва помош се наоѓаат во Ландштул, Германија, каде што се згрижени најголем број од пациентите. Вториот медицински тим е испратен во Ирак, каде што се појавиле најголем дел од случаите. Полковникот Дефрејтес вели дека нема докази оти заболените биле изложени на хемиско или биолошко оружје.

Британија – Оружје за масовно уништување

Портпаролот на британскиот премиер Тони Блер се извини заради сугестијата дека починатиот научник кој беше во центарот на контроверзата за ирачкото оружје, ја пренагласувал сопствената важност.

Портпаролот Том Кели јавно се извини на семејството на починатиот научник, кој наводно изврши самоубиство во средината на јули. Портпаролот изјави дека било погрешно научникот Дејвид Кели да се споредува со измислен лик кој водел измислен живот. Научникот беше пронајден мртов набрзо откако беше испитуван од парламентарна комисија. Би-Би-Си кажа дека тој бил главниот извор за извештајот во кој се наведуваше дека владата на премиерот Тони Блер ја преувеличувала заканата од ирачкото оружје.

Израел - Палестинци

Израелските власти привеле 47 лица, кои демонстрирале против изградбата на безбедносната ограда, за која Палестинците велат дека навлегува во нивна територија.

Претставници на израелската армија соопштија дека демонстрантите, главно странски активисти, биле уапсени денеска во близина на градот Калкилија на Западниот брег и одбивале да ја напуштат забранетата воена зона. Американските медиуми јавуваат дека администрацијата на Буш ја разгледува можноста за прекинување на ветените заеми за Израел, како казна поради изградбата на оградата. Но денеска, портпаролот на господинот Буш, Скот Меклилан изјави дека не е донесена никаква одлука во однос на Израел.

Либерија

Околу 200 нигериски мировници се очекува да почнат да заземаат позиции во главниот либериски град Монровија, што е опколен од бунтовничките сили кои се обидуваат да го соборат претседателот Чарлс Тејлор.

Војниците треба да се преместат во воената зона, откако ќе пристигнат борбените возила. Се очекува уште стотици војници да пристигнат во наредните денови со што ќе бидат комплетирани нигериските трупи во состав на регионалните ЕКОВАС сили, кои треба да достигнат до три илјади. Трупите ќе воспостават примирје и ќе го расчистат патот за хуманитарната помош. Во меѓувреме, нигериската влада соопшти дека претседателот Тејлор денеска ја отфрлил понудата за азил освен ако меѓународниот суд со поддршка од ОН се согласи да не поведе постапка против него, за воени злосторства.

ОН – Воени злосторства

Главниот обвинител на ОН за воени злосторства се очекува оваа недела да го брифира Советот за безбедност пред да биде донесена одлука дали да се постави уште еден главен обвинител.

Претседателот на Советот за безбедност, Михаил Вебе изјави дека Карла дел Понте ќе се сретне со членовите на Советот зад затворени врати кон крајот на неделава. Минатата недела генералниот секретар на Он, Кофи Анан побара од Советот за безбедност да ја ослободи госпоѓа Дел Понте од должноста главен обвинител на судот за геноцид во Руанда. Но тој кажа дека сака таа да остане главен обвинител во судот на ОН за поранешна Југославија.