Вашингтон ги поздрави реформите во Србија и Црна Гора - 2003-07-25

Г-динот Пауел го посети Белград и се сретна со г-динот Живковиќ три недели по убиството на неговиот претходник Зоран Ѓинѓиќ, на 12ти март.

Официјални лица велат дека Бушовата администрација и понатаму останува посветена да им помогне на властите во Белград да ги изведат реформите започнати од претходниот премиер, како и неговите обиди да ги интегрира Србија и Црна Гора во евро-атлантските инситутции.

Во разговорите со новинарите по состанокот, со неговите двајца колеги покрај него, г-динот Пауел рече:

“Им честитав на премиерот и министерот за надворешни работи за работата со цел да воведат цврсти реформи, како и поддршката која успеаја да ја добијат од својот народ за овие реформи во деновите по атентатот на г-динот Ѓинѓиќ. Им се заблагодаривме за цврстата соработка што ја добиваме од Србија во борбата против тероризмот, како и за други билатерални прашања од заеднички интерес“, изјави господинот Пауел.

Претставниците на Белград се сретнаа и со амбасадорот за воени злосторства од Стејт Департментот, Пјер-Ричард Проспер, со кого разговарале за гонењето на обвинетите лица од трибуналот за воени злосторства во Хаг, вклучувајќи го и поранешниот воен водач на босанските Срби, Ратко Младиќ.

Српски извори велат дека г-динот Живковиќ го уверил амбасадорот Проспер дека доколку г-динот Младиќ, биде пронајден на територија на Србија, ќе биде уапсен. Станало збор и за билатерална соработка околу новиот српски суд за воени злосторства кој треба да започне со работа во септември.

Секретарот Пауел минатиот месец потврди дека соработката на Србија и Црна Гора со Хашкиот трибунал ги задоволува условите поставени во акт на Конгресот, за Србија и Црна Гора да добијат 50 милиони долари во американска помош.

Сепак, Стејт Департментот изјави дека се очекуваат „понатамошни акции„ од новата федерација во остварувањето на нивните обврски.