Дебата: Дали претседателот Буш го пренагласил случајот со Ирак користејќи погрешни разузнавачки информации? - 2003-07-14

Во својата решеност да започне војна, дали претседателот Буш го пренагласлил случајот против Ирак врз основа на погрешни разузнавачки информации? Критичарите велат да, додека поддржувачите одговараат дека претседателот не може да ја препушти заштитата на американскиот народ на случајности и дека мора да биде подготвен на најлошото.

На прес-конференцијата на Здружението за контрола на оружјето во Вашингтон, неодамна пензионираниот претставник на Бирото за разузнавање при Американскиот Стејт Департмент, Грег Тилман негираше дека Ирак поседувал оружје за масовно уништување или врски со терористите на Ал Каида, на што инсистира администрацијата на Буш.

ЦИА ја презеде вината за погрешните информации дека Ирак се обидувал да купи ураниум од Нигер, но, г-динот Тилман смета дека проблемот е поширок.

„Уверен сум дека администрацијата на Буш не им пружи на Американците вистинска слика за воената закана од Ирак. Дел од грешката лежи во однесувањето на разузнавачките служби, но најголем дел од неа е во начинот на која високите претставници ги злоупотребиле овие информации. Оваа администрација слепо верува на разузнавачките податоци. Се работи за користење на разузнавачките податоци по обратна насока, во стилот – „ние ги знаеме одговорите; дајте ни разузнавачки информации за да ги поткрепиме овие одговори“, вели тој.

Г-динот Тилман вели има други области во светот кои веројатно претставуваат поголема опасност по САД одошто Ирак. На пример, кога администрацијата инсистираше на војна со Ирак, многу малку кажа за другите две членки на оската на злото - Иран и Северна Кореја, иако Северна Кореја јасно ги спроведуваше своите програми за нуклеарно оружје, а Иран се чинеше дека оди во ист правец. Зошто сите акценти беа ставени на Ирак?- прашува г-динот Тилман. Според него, заканите не биле вистински проценувани.

Директорот на Проектот за неширење на оружјето при Фондацијата Карнеги за меѓународен мир, Џозеф Сиринсиони, вели дека инсекторите на ОН целосно ја завршиле работата. Тие, како што вели, испитале околу 600 локации, пронашле неколку работи што ги прекршуваат правилата и ги уништиле. Сепак тие беа обвинети дека не сториле доволно. Од друга страна, администрацијата на Буш, според г-динот Сиринсиони, не остави простор за сомнеж во своите тврдења за постоење на оружје за масовно уништување во Ирак.

„Јавните изјави отидоа и подалеку од сега јавните разузнавачки тврдења. Сите зборови како „можеби“ или „веројатно“ од јавните изјави беа изоставени и станаа „е“, „се“, “има“ и „дефинитивно“, смета г-динот Сиринсиони.

Грегори Тревелтон, виш аналитичар во престижната истражувачка организација Ранд, смета дека и покрај грешките, разузвавањето во текот на војната било неопходно.

„Досието на разузнавањето во текот на војната против Ирак, беше исклучително импресивно и на тоа не треба да му се намали значењето поради актуелната контроверза. Разузнавањето беше мошне импресивно во тоа што го направи фронтот потранспарентен за американските сили, што го намали бројот на американските загуби и што противниците станаа полесни цели. Ние бевме многу добри во собирањето информации, нивно комбинирање и доставување до војниците“, истакнува г-динот Тревелтон.

Ова уверување го дели и Клифорд Меј, претседател на Фондацијата за одбрана на демократијата. Потврда дека целата ситуација е пренагласена тој ја гледа во кавгата што настана околу грешката во годишното обраќање на претседателот за тоа дека Ирак бара ураниум од Африка.

„Би рекол дека годишното обраќање е важен документ и се што влегува во него треба внимателно да биде испитано. Доколку имало пропуст, тоа не требало да се случи. Некој треба да одговара, можеби да биде отпуштен од работа. Но она што мене ми изгледа посмешно или пополитички мотивирано е дека медиумите се изманипулирани од сето ова“, смета г-динот Меј.

Г-динот Меј, како и американскиот секретар за одбрана Доналд Рамсфелд, смета дека нападите од 11 септември 2001 година врз САД направиле ненадејна промена на перцепциите. Според него, САД веќе не можат да си дозволат случајност. Тие треба да очекуваат напад, дури и доколку тој подоцна не се оствари. Тоа е дилема на секој претседател, вели Ралф Петерс, кој пишува за стратегијата и работел во американското воено разузнавање. Тој во Њујорк Пост пишува дека секоја американска администрација има несреќна тенденција да ги избира разузнавачките информации што го потврдуваат нејзиниот став за светот, а останатите да ги запоставуваат. Спротивните мислења се оставаат настрана.

Колку и да се во спор околу разузнавањето, демократите и републиканците се согласни во едно – на разузнавањето му е потребна итна и сеопфатна реформа.