Ако ве интересира каква е врската меѓу европската Шкотска, западно-африканската држава Мали и американскиот Апалачки регион, Националниот мол или националното шеталиште во Вашингтон е вистинското место тоа да се открие.
Започнат вчера, во присуство на високи државни претставници, голем ентузијазам и богатство на бои, мириси, вкусови и звуци – овој фестивал, со корени од 1967 година, и овој пат го слави културното наследство од различни делови на светот.
За оваа пригода Шкотска испрати стотина врвни музичари, но и готвачи, занаетчии, танчери, па дури и научни работници кои ќе ја објаснат нивната впечатлива култура. Под шаторите на жешкото вашингтонско сонце можете да научите како се прават палки за голф, или рачно изработуваат топчиња за овој спорт, како Шкотланѓаните вадат гранит од утробата на нивните острови и ги претвораат во готови производи, или пак постапката за длабење на дрвени греди кои по рацете на дрводелците добиваат облик на традиционалниот чамец за сите води познат како Нес Јоалс. Се разбира кога се зборува за Шкотска не може да се заобиколи шкотското виски, за чија дестилација исто така ќе ви кажат многу Шкотланѓаните гости на Вашингтон.
Мали е воглавно претставена преку Тимбукту, град основан во 1100 година како центар на транс-сахарската трговија на злато и сол, но и град кој со своите џамии и универзитети е значајна дестинација за за сите кои се интересиураат за религијата, литературата, историјата и егзактните науки во регионот. Мали е голем извозник на памук и на фестивалот му е даден голем простор на изработката на текстил, вклучувајќи го и таканареченото калливо платно или боголан, памучен материјал обоен со кал во црни, кафени и во поново време сини дизајни. Околу зидините подигнати за оваа пригода со изворен материјал, танцуваат привлечни за око маскирани змејови-танчери на високи штаки, а воздухот го исполнуваат традиционалните малиски балади и мирисот на подготовката на јадења на база на ориз.
И конечно, Апалачите, кои се регион кој опфаќа опфаќа делови на пет американски федерални држави: Кентаки, Северна Каролина, Тенеси, Вирџинија и Западна Вирџинија, имаат доминантно централна локација на фестивалот, како своевидно одбележување на кулминацијата на Годината на Апалачите, одредена од Конгресот, која завршува во јули. Музиката вклучува блуграс , келтска и африканско-американска традиција, блуз и духовен мелос. Апалачите се познати по путерот од јаболка и по техниката на конзервирање храна, што заедно со традиционалната кујна се демонстрира и нуди на фестивалот.
Почитувајќи ги културните разлики, фестивалот сепак успева да најде допирни точки. Секретарот на Смитсониан, институцијата организатор на манифестацијата, господинот Лоренс Смол, свеченоста на отворањето тоа вака го објасни: Иако често и неправедно сметани за чисто американски, американските балади доаѓаат од Шкотска, пренесени од доселениците во доцните 1700 години, додека бенџото, инструмент од витално значење за двете традиции, пак, доаѓа од Западна Африка, од пределите кои традиционално се дел од империјата на Мали. На овогодишниот фолк-фестивал е претставена уникатната американска сторија на приближувањето на африканското и европското наследство.