На повидок истрага за тоа дали разузнавачките податоци биле изманипулирани за да се оправда војната во Ирак - 2003-06-23

Републиканскиот сенатор Пет Робертс и претседател на Сенатската комисија за разузнавање верува дека и покрај тоа што САД не пронајдоа залихи на оружје за масовно уништување во Ирак, проценката на претседателот Буш за ирачката програма за оружје била чесна и базирана врз најдобрите разузнавачки информации што САД ги поседувале во тој период.

Но, демократот и член на Комисијата Џеј Рокфелер не е толку сигурен во ова. Тој е загрижен околу некои јавни изјави на претседателот дадени пред војната, а кои подоцна беа отфрлени како погрешни. Меѓу нив е тврдењето дека Ирак од Нигерија купил опрема за збогатување на ураниум. Сенаторот Рокфелер сепак додава дека допрва треба да види специфични докази за погрешните чекори на администрацијата на Буш по ова прашање.

Голем дел од демократите се сепак сомничави, и побараа формална истрага за тоа дали разузнавачките податоци биле изманипулирани за да се оправда војната во Ирак.

Во своето редовно неделно радио обраќање, пак, претседателот Буш ја бранеше акцијата против Ирак, истакнувајќи дека постојат, како што кажа, широкораспространети докази дека Садам Хусеин поседувал хемиско и биолошко оружје.

„Разузнавачките служби од многу земји заклучија дека тој поседувал незаконско оружје, и ирачкиот режим одбиваше да даде докази дека тоа е уништено. Решени сме да ја откриеме вистинската намера на програмите за оружје на Хусеин, без оглед колку време ќе ни биде потребно за тоа“, истакна господинот Буш.

Претседателот на Сенатската комисија за разузнавање, Пет Робертс го поткрепува ваквото тврдење.

„Имаме 10-годишно разузнавачко известување, не само од САД туку и од ОН, од инспекцискиот тим, од Германците, Русите, секако од Британците, па дури и од Кинезите, дека Хусеин поседувал оружје за масовно уништување. Повеќето од пронајдените документи се стари, но можно е да се однесуваат на ирачките нуклеарни планови во времето пред Хусеин да биде соборен од власта“, вели тој.

На Комисијата за разузнавање и претстои обемна задача да ги прочешла многуте документи и извештаи во текот на истрагата. Сенаторот Робертс најави јавен распит по ова прашање и очекува дека ќе се открие целата вистина за американските разузнавачки податоци во врска со Ирак.