Почина актерот Грегори Пек - 2003-06-13

Еден холивудски новинар еднаш го опиша неговиот стил како “темна американска готика“. Висок, убав, но скромен и тивок, Грегори Пек беше филмски херој, на кој му се верува.

Роден во 1916-та година во Џола, Калифорнија, неговиот интерес за актерската професија се појавил буквално по еден несреќен случај. Пек во колеџ бил ентузијаст за веслање, но го повредил р’бетот и тоа било крај за него во тој спорт.

„Заради тоа, навистина, прифатив улога во претстава на колеџ. Некој ме замоли, јас не бев особено заинтересиран, но мислев да го направам тоа од забава. Но тоа прилично ме обзеде. Многу бев лош. Но некако ме привлече и изгледаше како да има врска со она за што бев заинтересиран, литературата, драмата, пишувањето, самоизразувањето“, кажа господинот Пек.

Во 1942 година, Грегори Пек глуми на Бродвеј, а две години подоцна на филм. Со еден од неговите први филмови “Клучевите од кралството“, Пек го посеа семето на славата што растеше повеќе од 40 години. Во текот на неговата кариера, тој пет пати беше номиниран за Оскар, од кои една номинација беше за најдобар актер во 1962 година. Пек доби Оскар за неговата чувствителна и моќна изведба на адвокат од мал град во филмот "TO KILL A MOCKINGBIRD" или “Да се убие подбивната птица“.

„Да, ја обожувам таа приказна! И кога ја прочитав книгата едноставно почуствував дека мора да го сторам тоа, дека сум роден тоа да го направам, дека го разбирам и лесно би можел да влезам во ликот на тој адвокат од мал град. Тоа беше како да облекувате старо одело. Затоа тој филм ми е многу драг. И тогаш ми се допадна идејата што тој требаше да брани црнец обвинет за силување, погрешно обвинет како што се покажува, дури и што ја ризикува не само својата репутација во градот, туку и својата и безбедноста на своите деца“, истакнува Пек.

Грегори Пек признава дека квалитетот на неговата работа варирал. Тој кажа: “Кога имам погрешна улога или лошо сценарио, тонам заедно со бродот“. Но неговите добри филмови преовладаа над лошите. Меѓу неговите омилени филови се: „Џентлменски договор“, „Капетанот Хорацио Хорнбалуер“, „Празник во Рим“, „Оружјето на Наварон“ и “Да се убие подбивната птица“.

Запрашан што мисли за актерството, Пек го цитираше неговиот пријател, сер Лоренс Оливие: „Не е важно колку е сериозна ситуацијата или колку е возбудлива драмата, актерот треба секогаш да ги бара апсурдите во животот и грешките на човечката природа“. Пек велеше дека тоа и дава на драмата и зачин и хумор.

Во областа на комедијата и хуморот Пек сметаше дека не се изразил доволно. Во последните години од неговиот живот, тој жалеше за таа пропуштена шанса:

„На некој начин во текот на целата кариера се борев да бидам помалку сериозен. Навистина мислам дека тоа е највисока форма на актерство и забава. Сакам да се смеам и мислам дека и публиката тоа го сака. Мислам дека тоа му треба на светот“.

Во подоцнежните години, Грегори Пек често волонтираше во многу хуманитарни организации, верувајќи дека луѓето треба да придонесуваат во нивните заедници колку што можат. Во 1972 година за прв пат се нафати на продуцентска работи, во филмот "Судењето на Кетонсвил Девет", а пет години подоцна го портретираше генералот Даглас Мекартур, главна фигура во американската воена историја, во филмот “Мекартур“. Наредната година во филмот „Момчињата од Бразил“ за прв пат играше улога на негативец.

Грегори Пек со својот уникатен талент зад себе остави богато и разновидно актерско наследство.