Буш остро го осуди нападот во Ерусалим - 2003-06-11

Палестинската милитантна група Хамас ја презеде одговорноста за нападот. Портпаролот на Хамас, Махмуд Захар рече дека тоа докажува оти палестинските борци можат да ги стигнат Израелците секаде.

Непосредно по експлозијата, израелски хеликоптери испукале ракети врз еден автомобил во градот Газа, при што загинале најмалку седуммина Палестинци, меѓу кои и двајца лидери на Хамас.

Хамас вети одмазда за обидот за убиство на еден од неговите високи претставници, Абдел Азиз Рантиси. Тој беше повреден во израелскиот напад, кога хеликоптери со неколку ракети го погодија неговото возило во градот Газа, при што загина еден од неговите телохранители и една Палестинка. Дваесет и пет лица беа повредени.

Израел соопшти дека поседува разузнавачки информации оти г-динот Рантиси помогнал во планирањето на нападите врз Израелци и дека обидот за негово убиство бил оправдан и не бил со намера да ја саботира таканаречената мапа кон мирот на Блискиот исток. А во Вашингтон, претседателот Буш го критикуваше нападот во Ерусалим и ги повика сите земји, не само да го отфрлат насилството, туку како што рече да го употребат секој грам од нивната моќ за спречување тоа да се повтори.

“Од сите народи во светот кои сакаат мир на Блискиот исток, итно барам да се борат против теророт, да ги пресечат каналите за финанисрање на организациите како Хамас, да ги изолираат оние кои имаат толку голема омраза што сакаат да убиваат и да го запрат напредувањето на мирот“, изјави претседателот Буш.

Претседателот рече дека е јасно оти постојат луѓе кои сакаат да убиваат за да ја нарушат безбедноста на Израел и да спречат Палестинците да добијат своја држава која ќе опстојува до Израел во мир.