Поранешниот шеф на срспката државна безбедност во Хаг - 2003-06-11

Јовица Станишиќ раководел со српската служба за државна безбедност кога според обвинителите биле формирани некои од најозлогласените паравоени групи на Балканот, вклучувајќи ги и аркановите Тигри.

Обвинителите велат дека задачата на тнр. Нелегални тајни единици била изведување на специјални воени операции во Хрватска и Босна, се со цел етничко чистење на областа од несрпско население.

Тие, според обвинителите тоа го правеле со убиства, малтретирање и депортација во соработка со локалните власти. Во операциите од 1991 до 1995 година загинале стотици лица.

Г-динот Станишиќ е обвинет по пет основи за злосторства против човештвото, меѓу кои и убиството на 255 лица оддеднаш во болницата во Вуковар, во Хрватска.

Обвинителите наведуваат дека г-динот Станишиќ, заедно со својот втор човек, Франко Симатовиќ, познат како Френки, издавале наредби, организирале, финансирале, обучувале и вооружувале парамилитарни групи. Обајцата се наоѓаат во Хаг. По апсењето во Србија, г-динот Станишиќ беше подложен на хируршка интервенција по што замина за Хаг.

Двајцата беа уапсени во сеопфатната акција што уследи по убиството на српскиот премиер Зоран Ѓинѓиќ во март. Минатата недела, г-динот Симатовиќ се изјасни дека не е виновен по истите пет ставки од овбинението.

Џудит Армата ги следи судските процеси за организацијата Коалиција за меѓународна правда. Таа вели дека имињата на г-дата Симатовиќ и Станишиќ биле споменати во текот на процесот против Милошевиќ.

“Слушнавме некои негативни сведочења од секретарот на Аркан, кој рече дека тие не правеле ништо без одобрение од службата за државна безбедност, мислејќи на тоа дека Симатовиќ и Станишиќ им давале наредби и им кажувале што да прават. Значи, овие се многу значајни личности“, вели Армата.

И г-динот Симатовиќ и г-динот Станишиќ во обвинението против Милошевиќ се споменуваат како соработници.

Адвокатите на Јовица Станишиќ велат дека тој извесно време разговарал со обвинителите и ја оставил отворена можноста дека би можел да сведочи против неговиот поранешен шеф, кој го отпуштил од работа во 1998 година, наводно поради несогласувања во врска со Косово.