Претседателот Буш изјави дека во Египет пристигнал во ветувачки момент и оти е решен да го придвижи мировниот процес нанапред.
„Гледаме потенцијал за единство против тероризмот. Гледаме можност за раѓање на нова палестинска држава, и гледаме можност за распространет мир меѓу народите во овој регион“, рече тој.
Коментирајќи ги денешните разговори со лидерите на Египет, Бахраин, Јордан и Саудиска Арабија, како и со новиот палестински премиер Махмуд Абаз, американскиот претседател кажа дека била постигната согласност оти тероризмот е најголема закана за мирот.
„Лидерите денеска ја истакнаа својата цврста определба за отфрлање на тероризмот, независно од оправдувањата и мотивите“, истакна американскиот претседател.
Наредна станица на турнејата на претседателот Буш е Јордан, каде утре планира да одржи трипартитен самит со палестинскиот премиер Абаз и неговиот израелски колега Ариел Шарон.