Полска беше лојален сојузник на САД во војната во Ирак. Иако придонесе само со 200 војници, Вашингтон побара од Варшава да командува со мултилатералните мировни сили во една од четирите окупациони зони што беа воспоставени во повоен Ирак.
Но појавувањето на Полска како клучен играч во американскиот поглед на светот, предизвика вознемиреност во Европа.
Меѓу француските и германските функционери владее чувство дека Полска добива премногу внимание од САД, заради што може да биде парнер во кој Европа нема да има доверба во иднина.
Затоа Полјаците се чувствуваат малку непријатно откако ќе влезат во ЕУ идната година, за што ќе им треба поддршка од Франција и Германија за да ги добијат привилегиите од членството, како што се голема земјоделска помош и големи средства за инфраструктурни проекти. Но истражувањата на јавното мислење покажуваат дека повеќето Полјаци чувствуваат дека САД се одлучувачки гарант за безбедноста на Полска, став што е разбирлив со оглед на историјата на окупацијата на оваа земја од нејзините соседи Германија и Русија.
Во Школата за економија во Лондон, професорот и поранешен советник на полската Влада, Станислав Гомулка кажа дека Полска бара рамнотежа меѓу нејзините економски и стратешки интереси.
“За економските односи, секако ЕУ е опција број еден за Полска. Полска сака да биде многу кредибилна и рамноправна членка на Унијата и набрзо потоа да се придружи на Европската монетарна унија. Но истовремено, стратешки, САД се сметаат за лидер на западната алијанса и Полска неодамна влезе во НАТО и сака едноставно да има рамноправна улога во таа алијанса и сака да ја коориднира својата политика со оваа земја“, смета господинот Гомулка.
Претседателот Буш ќе биде вториот западен лидер што ќе ја посети Полска во последните 24 часа. Денеска британскиот премиер Тони Блер во Варшава побара од Полјаците идниот викенд да го изгласаат референдумот за влез на нивната земја во ЕУ за доброто на европскиот континент.
“Европа не е закана. Европа е можност за Полска. Да се биде надвор од неа не е знак за силата на Полска, Тоа ќе води кон слабеење на Полска. Во оваа ера на глобализација, државите како нас треба да се здружат како сојузници и да ја обликуваат оваа нова Европа за нашите и за националните интереси на другите“, изјави британскиот премиер.
Господинот Блер се надева дека како членка на Унијата, Полска ќе им се придружи на Британија, Италија и Шпанија во одбраната од она што тие го сметаат како француско-германски нагон за доминација во блокот. Британскиот лидер исто така повика Европа и САД да го надминат јазот во врска со војната во Ирак. Тој рече дека светот сега влегува, како што ја нарече, во клучна фаза, или за помирување или за разделување.