Претседателот Буш во Арлингтон: Америка нема да заборави - 2003-05-26

Претседателот говореше во амфитеатарот сред илјадниците камени надгробни споменици, покрај кои стоеше по едно мало американско знаме.

„На Денот на сеќавањето, Американците поставуваат знамиња на гробовите на загинатите војници, поминуваат покрај ѕидот од црн мермер во Вашингтон во спомен на загинатите во виетнамската војна и многу семејства се сеќаваат на ликот и гласот на оние кои веќе не се меѓу нив“, истакна тој.

Тој говореше за загинатите во изминатите војни, но и за оние чии што гробови на Националните гробишта во Арлингтон се уште се свежи. Тој одовде упати едноставно ветување: Америка нема да заборави.

„Денеска, ние се потсетуваме дека слободата секогаш е придобивка на храброста. Денеска, ние се потсетуваме на сите загинати, на исчезнатите и на оние кои тагуваат“, рече американскиот претседател.

Г-динот Буш кажа дека оние кои загинаа во борбите, не се бореле за слава, туку ја исполнувале својата должност. Тој рече дека земјата секогаш ќе им биде благодарна за тоа.