Дебелината - се поголем проблем во САД - 2003-05-23

Проблемот со дебелината се појави во многу написи во медиумите изминатите недели: во соопштението на господинот Томпсон, со судскиот процес против компанијата што ги произведува популарните колачиња “Орео“, па дури и во предупредувањето на Федералната Управа за Авијација, која кажа дека стандардите за тежина на летовите мора да бидат зголемени бидејќи според сегашните од 1995 година, просечниот патник тежел 81 килограм, а тоа е недоволно и може да биде ризик за безбедноста од претоварените авиони. Марго Вутан е директор за нутриционистичка политика во Центарот за наука од јавен интерес, кој ја истражува поврзаноста меѓу дебелината и рестораните, веќе неколку децении. Госпоѓа Вутан вели дека дебелината во Америка е се поголема:

„Нивото брзо се зголемува, со удвојување кај возрасните и децата, а тројно е поголемо кај тинејџерите во последните 20 години. Сега сме на ниво кога повеќето Американци имаат нездрава тежина. Тоа влијае на зголемувањето на дијабетисот, а наскоро очекуваме да го видиме тоа и кај другите болести, како ракот, срцевите заболувања, високиот крвен притисок и мозочните удари, што делумно се предизвикани и од дебелината“, смета таа.

Марго Вутан се согласува со заклучокот на студијата дека содржината и популарноста на ресторантската храна, се главниот фактор за проблемот со дебелината:

„Луѓето јадат двојно повеќе во споредба со 1970 година. Третина од калориите ги земаат од храна што не им е од дома. Студијата покажува дека кога луѓето јадат надвор, јадат повеќе калории. Децата јадат двојно повеќе калории кога јадат во ресторан во споредба со дома“, тврди г-ѓа Вутан.

Истражувачот на нутриционистичката политика, Вутан вели дека таканаречената “брза храна“ главно придонесува за дебелината во Америка. Но, д-р Кен Морицугу, заменик главен раководител за здравство на САД, вели дека Американците не мораат да јадат во ресторани што служат калорична храна.

„Имаме можност за вистински избор за нашето здравје и и иднина. Избираме да пушиме или не. Избираме да вежбаме или не. Избираме дали ќе имаме огромен оброк, за разлика од изборот на оброк со нормален обем. Значи, мислам дека во суштина доколку си помогнеме себеси, Америка ќе стане поздрава“, вели тој.

Марго Вутан вели дека повеќето луѓе сакаат да јадат поздрава храна. Меѓутоа, според неа за некои потрошувачи често е тешко да го направат вистинскиот избор, особено за помладите. Некои ресторани за брза храна нудат салати како главен оброк или додатен, што е поздрава алтернатива од хамбургерите, помфритот или милкшејк. Госпоѓа Вутан вели дека дури и за салатите има извесна загриженост, особено околу нивниот квалитет. Таа предлага рестораните да нудат повеќе информации за содржината на храната на своите конзументи. Д-р Морицугу додава дека Владата ќе стори повеќе за да промовира поздрава исхрана на Американците.

„Ние во Америка сме општество што добро реагира на маркетинг. Треба повеќе да работиме на рекламирање на здравјето. Пред неколку години американската јавност не го прифаќаше фактот дека се повеќе се дебелееме. Една од работите што секретарот Томпсон се обидува да ги направи, е да обезбеди информации“, истакнува д-р Морицугу .

Марго Вутон вели дека економијата на храната и корпорациските профити се фактор за тоа што во некои ресторани се нудат супер-големи оброци:

„Во цената на храната она што му се плаќа на фармерот е само мал дел од конечната цена. Ако платите еден долар за помфрит, само 20 центи е цената на копирот, маслото и солта. Поголем дел од цената е работната сила, здравствената заштита, режиски трошоци, пакувањето и рекламата. Затоа може да понудат повеќе компири, повеќе помфрит за само малку пари. Но затоа може поскапо да наплатат“, вели таа.

Покрај повиците за поздрава исхрана во рестораните и подобри информации за храната, тука се и судските процеси против производителите, што може да предизвикаат промени. Покрај случајот со колачите Орео, против ланецот МекДоналдс беше поднесена тужба во почетокот на годинава дека придонесува за дебелеење, но не беше прифатена. Госпоѓа Вутан вели дека овие битки во судниците веројатно ќе продолжат.