Најнови вести 12 мај - 2003-05-12

Буш-Даночно намалување

Претседателот Буш неделава ќе патува низ САД, барајќи поддршка за неговиот план за даночно намалување од 550 милијарди долари и стимулирање на американската економија.

Господинот Буш својата дводневна турнеја ќе ја започне денеска со посетата на државите Њу Мексико и Небраска, пред да замине за Индијана каде ќе има дополнителни обраќања на оваа тема. Патаувањето е планирано во време кога би можело да влијае на членовите на американскиот Сенат да попуштат во однос на своето барање - сумата на даночното олеснување да не биде поголема од 350 милијарди долари. Републиканците велат дека поголемите намалувања на даноците се потребни за стимулирање на економијата, додека демократите тврдат оти тоа би водело кон голем буџетски дефицит и попречување на долгорочниот економски растеж.

САД-Воена вежба

Претставници на американскиот Оддел за домашна безбедност неделава симулираат терористички напади за да ја тестираат подготвеноста на федералните и локалните власти за справување со нуклеарни и биолошки закани.

Петдневната вежба започнува денеска во Сиетл, каде фиктивна терористичка група ќе детонира радиоактивна, таканаречена, валкана бомба. Вежбовните активности потоа ќе се префрлат во Чикаго, каде болниците ќе почнат да гледаат знаци на пневматско заболување. Оваа контра-терористичка вежба има за цел тестирање на способноста на раководството брзо да реагира во вонредни ситуации.

Ирак

Новиот американски цивилен администратор за Ирак, Пол Бремер, пристигна во земјата.

Овој искусен дипломат денеска пристигна во јужниот град Басра, заедно со човекот кого го заменува, генералот во пензија, Џеј Гарнер. Господинот Бремер потоа замина во Багдад каде се наоѓа американската агенција за реконструкција. За новото работно место господинот Бремер рече дека е прекрасен предизвик за да му се помогне на ирачкиот народ повторно да ја преземе власта. Претседателот Буш го назначи г-динот Бремер на функцијата минатата недела. Промените во бројот на персоналот на американскиот тим за реконструкција се случуваат во време на остри критики од ирачка страна поради бавното воспоставување на основните сервисни служби и обнова на земјата.

Либан-Иран

Десетици илјади лица денеска излегоа на улиците на Бејрут да го поздрават иранскиот претседател Мохамед Катами, кој е првиот ирански лидер во посета на Либан по повеќе од 20 години.

Претседателот Катами, кој е шиитски муслиман, на бејрутскиот аеродром беше пречекан од претседателот на Либан, Емил Лахуд и премиерот Рафик Харири. Шиитите се најголемата верска група во Либан. Г-динот Катами беше пречекан и од претставници на Хезболах, која Вашингтон ја стави на листата терористички организации. Иран ја прошири финансиската поддршка на Хезболах кој стои зад нападите врз израелските трупи долж границата со Либан.

САРС

Светската здравствена организација ја прошири истрагата на Тешкиот акутен респираторен синдром во Кина, со посети на руралните области, каде ситуацијата со болеста е полоша од она што властите го соопштија.

Тимови на организацијата се распоредени во кинеските провинции каде има висок број имигрантски работници. Главно, овие провинции се во близина на поголемите градови како Пекинг, Шангаи и Гуанѕоу. Официјално, Кина има пријавено неколку случаи на САРС во овие провинции, но Светската здравствена организација вели дека повеќето кинески провинции имаат лоши здравствени системи со мал капацитет за идентификување и пријавување на случаите на САРС. Кина денеска пријави дополнителни 12 смртни случаи, со што вкупниот број на лица починати од САРС во оваа земја изнесува 252.

Црна Гора-Избори

Црна Гора избра претседател во третиот обид во период од пет месеци.

Според неофицијалните резултати, поранешниот премиер Филип Вујановиќ од владеачката Демократска партија на социјалистите, победи на вчерашните избори, освојувајќи најмалку 63 проценти од гласовите. Официјалните резултати се очекува да бидат објавени денеска. Г-динот Вујановиќ беше прв и во претходните две гласања за избор на претседател, но резултатите беа поништени заради слаб одзив на гласачите. Г-динот Вујановиќ е првиот претседател на Црна Гора од формирањето на федерацијата со Србија во февруари. Тој вели дека претпочита независност, но, во моментов, ќе и даде шанса на федерацијата.