Во Тирана, потпишана Американско-јадранската Повелба - 2003-05-02

Јадранската повелба, иницијатива во духот на американско-балтичката повелба од 1998 година беше потпишана од американскиот државен секретар и неговите колеги од трите држави, министрите за надворешни работи Илир Мета,Илинка Митрева и Тонино Пицула.

Обраќајќи се на свеченоста на потпишувањето, госпоѓата Илинка Митрева изрази верба во силата на заедништвото.

„Драги пријатели, некои проблеми можеме да ги решиме самите, други не можеме. Но не постои проблем што не можеме заедно да го решиме, ние, Македонија, Албанија, Хрватска и САД“, истакна македонскиот министер за надворешни работи.

Во Повелбата стои дека таа се надоградува на постигнувањата на Самитот на НАТО во Прага со зајакнување на американската поддршка за таканаречената политика на отворени врати на Алијансата, нагласувајќи ја целта на Албанија, Хрватска и Македонија за целосна интеграција во НАТО и во другите евро-атлантски институции.

Документот ја потенцира определбата на овие три држави за забрзување на домашните реформи што истовремено ќе придонесе за зацврстување на безбедноста, просперитетот и стабилноста на регионот.

Во областите на натамошно ангажирање се наведува зајакнувањето на демократските институции, граѓанското општество, владеењето на правото, пазарна економија и армија компатибилна со НАТО, потоа борба против корупцијата и криминалот и заштита на граѓанските права и слободи.

Секоја од државите аспиранти ќе биде оценувана индивидуално за тоа каде стои во однос на стандардите на евро-атлантските тела.

Партнерите во Повелбата исто така ветуваат тесна меѓусебна соработка на сите фронтови, и соработка со соседите.

На крајот, Повелбата зборува за формирање на Комисија на партнерство во која земјите ќе бидат претставени на високо ниво и која ќе се среќава два пати годишно заради следење на напредокот во насока на целите наброени во документот.

Ставајќи го потписот на Повелбата, американскиот државен секретар Колин Пауел кажа:

„Со мојот потпис на оваа Повелба јас потврдувам дека САД ќе сторат се што е можно да им се помогне на народите на Алобанија, Хрватска и Македонија, да го постигнат својот потенцијал и заедно да го комплетираат своето историско патување назад во срцето на Европа“, рече тој.