Буш: Независно дали оружјето за масовно уништување е елиминирано, преместено или сокриено, ние ќе ја откриеме вистината - 2003-05-01

Двапати неделава, британскиот премиер Тони Блер се соочи со прашања, и од новинарите, и од опозиционите парламентарци, за тоа дали некогаш ќе биде пронајдено наводното ирачко оружје за масовно уништување.

Во месеците пред војната, владите на САД и Британија истакнуваа дека Ирак поседува вакво оружје, предупредувајќи дека тоа претставува закана за светот и дека треба да биде уништено.

„Апсолутно сум убеден и уверен што се однесува до случајот со оружјето за масовно уништување. На оние кои, така да кажам, се најгласни во тврдењето дека такво оружје не постои, им сугерирам да почекаат малку, бидејќи во тек е детален процес за утврдување на постоењето на вакво оружје“, истакна господинот Блер.

Во февруари, државниот секретар Колин Пауел пред Советот за безбедност на ОН изврши детална презентација, со видео снимки и сателитски фотографии, тврдејќи дека Ирак има складирано меѓу 100 и 500 тони агенси за хемиско оружје. Тој исто така кажа дека постојат и фабрики за биолошко оружје, од кои дел се подвижни.

Но, инспекторите на ОН за оружје, кои работеа речиси четири месеци во Ирак пред да започне војната, не успејаа да го потврдат присуството на хемиско и биолошко оружје. И по еден месец од падот на владата на Садам Хусеин, не е принајдено ниту хемиско, ниту биолошко оружје. Минатата недела, претседателот Буш за првпат ја навести можноста дека Ирак можеби веќе не поседува вакво оружје.

„Независно дали го уништил, дали го преместил или го скрил, ние ќе ја откриеме вистината. Едно е сигурно - Садам Хусеин веќе нема да и се заканува на Америка со оружје за масовно уништување“, истакна претседателот Буш.

Американски официјални лица велат дека екипите на САД за потрага по оружје, веќе се распоредени низ Ирак и поседуваат листа на околу 1.000 сомнителни локации што треба методолошки да се истражат. Дејвид Кеј, шеф на инспекторите на ОН за оружје во Ирак во раните 90-ти години, е убеден дека забранетото оружје ќе биде лоцирано, но прашање е дали сето ќе биде пронајдено.

„Ирачкиот режим е свесен дека заминува во историјата. Видовте како се распадна. Затоа прашувам: Ако имате пристап до хемиско или биолошко оружје и до технологија, а сте загрижени за вашата иднина и знаете дека нема место за вас во слободен Ирак, дали не би зеле нешто од тоа и би се обиделе да го продадете?3, вели господинот Кеј.

По падот на Багдад, американски владини претставници започнаа да ги истакнуваат останати аспекти на војната, како ослободувањето на ирачкиот народ, а не потрагата по оружјето за масовно уништување.

„Има уште многу работа. Остатоците од режимот треба да се отстранат од целата земја. Се уште треба да се справиме со преостанатите елементи на поранешниот режим. Треба да ги искорениме и да ги елиминираме терористичките мрежи што делуваат во оваа земја. Треба да им помогнеме на Ирачаните да ги обноват основните услуги“, подвлече господинот Рамсфелд.

Вака американските секретар за одбрана Доналд Рамсфелд ги поздрави американските трупи на аеродромот во Багдад.

Со илјадници американски војници во Ирак и доплолнителен број на пат кон земјата, американската влада е убедена дека нејзините сили ќе го пронајдат ирачкото забрането оружје и се против враќањето на инспекторите на ОН за оружје.

Но според резолуцијата на Советот за безбедност од 1990 година за санкции спрема Ирак, кои Вашингтон бара да се укинат, тоа не може да се случи се додека екпертите на ОН за оружје не одредат дали земјата е ослободена од сето забрането нукеларно, хемиско и биолошко оружје. Советот за безбедност ќе треба да одобри нови резолуција за промена на претходната. Неделава, Русија соопшти дека ќе се спротивстави на укинувањето на санкциите, се додека инспекторите на ОН за оружје не потврдат дека во Ирак не постои оружје за масовно уништување.