Почина Нина Симон - 2003-04-23

Пеачката и пијанистка Нина Симон, позната ширум светот, во понеделникот почина на 70-годишна возраст во својот дом на југот на Франција. Симон можеше да пее се, во кој било жанр, од џез и блуз до поп, фолк, духовна и класична музика. Таа пееше протестни песни во екот на движењето за граѓански права во САД во 1960тите, но подоцна се посвети на својата вистинска љубов, изведбите со симфониски оркестар.

Нина Симон никогаш не се грижела да биде со некоја позната музичка издавачка куќа. Еднаш кажа: Секогаш ми била цел да останам надвор од категориите. За време на нејзината пеачка кариера, што започна во 1950-те, Симон беше истовремено комерцијална и контроверзна. Имаше најпродавани нумери и албуми, изведени на најдобри американски сцени, и компонираше трогателни песни што беа одраз на нацијата во турбулентни времиња. Разочарана од музичката иондустрија и од политичкото милје, таа замина од САД во 1973 и живееше на Карибите и во Африка, пред да се задржи трајно во Европа.

Нина Симон е родена како Јунис Вејмон во Северна Каролина. Како едно од осумте деца во семејството, таа учела класично пијано, а подоцна се запишала во Музичката школа Џуилиард во Њујорк. Кога почнала да работи како пеачка во еден ноќен клуб, го променила името во Нина Симон, во обид да го сокрие идентитетот од мајка и, која била методистички свештеник. Една од нејзините стандардни нумери во барот Мидтаун, во Атлантик Сити, во Њу Џерси, била "Love Me Or Leave Me", Сакај ме или остави ме.

Најголемиот хит на Симон, под етикетата на издавачката куќа Витлеем, беше "I Love You Porgy", од мјузиклот на Гершвин "Porgy And Bess." Кога стигна на топ листата на најслушани 20 во 1959-тата, таа веќе настапуваше пред публика како онаа од фестивалот Newport Jazz и во Карнеги Хол.

Нина Симон не ја засегаше меѓународниот комерцијален успех што уследи потоа. Таа продолжи во различни жанрови , снимајќи џез-стандарди и израелска фолк-музика, како и песни од Џуди Колинс, Би Џиз и Џорџ Харисон. Нејзина сопствена композиција "To Be Young, Gifted and Black," Да се биде млад, надарен и црн, заснована на пиесата на Лореин Хенсбери, беше инспирација за милиони.

Едно од последните концертни појавувања на Нина Симон беше во Карнеги Хол во 2001-ва. Иако здравјето ја издаваше, и гласот почна да ја губи славната длабочина, таа пееше и свиреше на пијано за публиката која и натаму ги полнеше салите каде настапуваше. Пеачката, текстописецот и пијанистот Нина Симон беше 70 години стара кога почина на спиење во својот дом во Франција, на 21 април.