Буш:  Тенковите во Багдад – чувствувањето на слободата е неизгасливо - 2003-04-09

Белата куќа вели дека денешното навлегување на американските тенкови во центарот на Багдад претставува историски момент, но предупреди дека тоа не значи оти целта на воената акција е целосно исполнета.

И додека од ТВ-сликите во живо што доаѓаат од главниот ирачки град може да се види како Ирачаните ги поздравуваат американските војници и ја рушат статуата на Садам Хусеин во центарот на Багдад, американскиот претседател порача дека, цитираме, чувствувањето на слободата е неизгасливо. Порптапролот на Белата куќа Ари Флејшер изјави дека претседателот Буш сепак предупредува оти се уште претстојат опасности и дека допрва треба да се ослободат другите градови во Ирак.

Белата куќа не може со сигурност да каже дали ирачкиот претседател е жив или мртов, но од друга страна нејзиниот портпарол потсети дека Садам Хуеин ја пропушти последната шанса по мирен пат да замине во егзил. Со слична реторика денеска и потпретседателот Чејни, кој од терористичките напади на 11-ти септември 2001-ва година ретко се појавува во јавноста. Во денешниот говор во Вашингтон пред уредници на дневните весници од САД, тој кажа светот е сведок на колапсот на ирачкиот режим, но и најави дека се уште може да претстојат тешки битки.

Она што деновиве е главна тема во Вашингтон, европските престолнини и Обединетите нации, е прашањето кој ќе управува со повоен Ирак.

Претседателот Буш денеска оствари средба со конгресните лидери посветена на прогресот на војната и плановите за иднината на Ирак. Пред да биде воспоставена привремената ирачка влада, г-динот Буш најави дека планира да назначи пензиониран американски генерал да управува со земјата, што предизвика загриженост кај дел од европските лидери дека Вашингтон ќе продолжи да го контролира Багдад.

Претседателот Буш на самитот со британскиот премиер Тони Блер во Белфаст неделава директно одговори на овие критики, истакнувајќи дека, како што ја нарече, „виталната“ улога на ОН, значи обезбедување на храна и лекови како и помагање на привремената власт, сугерирајќи притоа дека е можно во неа да има и претставници на Светската организација. Премиерот Блер, под очигледен европски притисок, се заложи за поголема улога на ОН во пост-воен Ирак. Овој став наидува на противење од страна некои членови на администрацијата на Буш. Претставници на Белата куќа велат дека сакаат ОН да бидат вклучени, но јасно ставаат на знаење оти Советот за безбедност, кој јавно не ја одобри војната во Ирак, не треба да го преземе управувањето со земјата по крајот на конфликтот. За време на еден неодамнешен брифинг за новинарите, советникот за национална безбедност, Кондолиза Рајс, кажа дека коалицијата ја плати воената акција со човечки животи, како и дека улогата на ОН е предмет на преговори.

Голема улога во власта по стабилизирањето на Ирак несомнено ќе имаат и припадниците на разните ирачки опозициони групи, кои најавија дека за сабота планираат конференција што ќе се одржи во јужниот ирачки град Насирија. Според нив, овој состанок ќе ги соедини Ирачаните во егзил и домашните противници на владата на Садам Хусеин, за да почнат разговори за владеење по војната.

Иако со различни мислења, Вашингтон, Европа и ОН засега барем се декларативно согласни дека на крајот на краиштата, со новиот Ирак треба да раководи токму ирачкиот народ, оној истиот што денес излезе на улиците на Багдад и се нафрли на бележјата на власта на Садам Хусеин.