Трансатлантска поделба - 2003-03-28

Поранешниот државен секретар Хенри Кисинџер поделбата меѓу Германија и Франција од една страна и Британија и САД од друга, ја нарекува историски одлучувачки момент. Се случува, вели тој, прекин во меѓународните институции и стратешките алијанси.

Ден Хамилтон, раководител на Центарот за трансатлантски односи на Џон Хопкинс школата за напредни меѓународни студии во Вашингтон, се согласува дека се развил длабок јаз во западната алијанса.

„Штетата, се разбира, е во рамки на Европа исто колку што е преку Атлантикот. Поделбите во Европа за војната во Ирак и како да се постапува со Америка се исто толку значајни како проблемите што ги имаме тука преку Атлантикот“, вели г-динот Хамилтон.

Професорот Хамилтон вели дека за Европјаните, американскиот унилатерализам и незадржливата американска моќ, се главните прашања.

Тед Карпентер од Институтот Като, ги минимизира разликите меѓу старата Европа предводена од Франција и Германија и новата Европа составена од поранешните комунистички земји кои треба да влезат во ЕУ идната година.

„Се повеќе, државите од централна и источна Европа, иако се на страната на САД во врска со Ирак, ќе се свртат на другата. Тие знаат дека ако сакаат да бидат конструктивни членки на ЕУ, Франција и Германија ги држат финансиските и другите клучеви на ЕУ. Тие со одминување на времето ќе мора да се наклонат кон Париз и Берлин во политичка смисла, а не кон Вашингтон“, смета г-динот Карпентер.

Тој оценува дека неуспехот на Вашингтон да ја добие целата поддршка за својата политика кон Ирак од земјите на НАТО, ќе предизвика Американците да посветуваат помалку внимание на западната одбранбена алијанса.

Мајкл Ладен од провладиниот американски Ентерпрајс институт вели дека со дистанцирањето од Вашингтон, Германија и Франција отишле предалеку во обид да ги придобијат другите земји за нивните ставови.

„Мислам дека нивното интервенирање во внатрешните работи на турскиот парламент и уценувањето и присилувањето да се гласа против дозволување на Американците да ги користат нивните бази во време кога се знаеше дека таа одлука ќе донесе подолга и потешка војна за нашите војници, од моја гледна точка едноставно не може да се толерира“, истакнува тој.

Господинот Ладен вели дека Германците и Французите им кажале на Турците дека нема да им дозволат да влезат во ЕУ доколку им одобрат на САД да вршат напади врз Ирак од труските бази. Тој смета дека ќе има далекусежни и се уште непознати последици од француското и германското разидување со Вашингтон.

Тед Карпентер од Институтот Като се согласува дека трансатлантските тензии ќе траат и може да се влошат.

„Мислам дека за светот имаме многу поразлични гледишта отколку што имаме сличности во гледиштата. Дали се работи за политиката кон Ирак, за доктрината на превентивна војна, за Кјото протоколот, за меѓународниот кривичен суд, за израелско-палестинскиот спор. Тоа е уште нешто што може да произведе голема поделба во политиката“вели г-динот Карпентер.

Европа, вели тој, автоматски ја гледа на Америка како про-израелска, додека Америка ја смета Европа про-Палестинска.

Промените во иинституциите, велат експертите, можеби нема брзо да се случат дури иако веќе е направена голема штета. Тимоти Гартон Еш од Универзитетот Оксфорд во Њујорк Тајмс пишува дека само во последните неколку недели, геополитичкиот запад од студената војна се урнал пред наши очи.