Има индиции дека Садам Хусеин би можел да употреби хемиско оружје против коалиционите сили - 2003-03-26

Американски воени претставници велат дека ирачкиот лидер може да нареди напади со хемиско оружје доколку американските и британските трупи стигнат на 50 километри до Багдад. Коалиционите сили уште од почетокот на војната се подготвени за ваква можност.

Поранешниот вршител на должност американски амбасадор во Ирак, Џозеф Вилсон, верува оти Садам Хусеин ќе употреби хемиско оружје, доколку му се укаже можност.

„И тој и Тарик Азиз ми кажаа додека бев таму во 1990 година, дека го задржуваат правото да употребат сето оружје од својот арсенал за да се одбранат од напаѓачите. Тоа `сето оружје од арсеналот` јас го толкувам како оружје за масовно уништување, ако го имаат и ако се способни да го употребат“, вели тој.

Амбасадорот Вилсон е последниот американски дипломат кој се сретнал со Садам Хусеин пред почетокот на “Пустинската бура“ во 1991 година.

Американскиот воздухопловен генерал во пензија, Томас Мек Инернеј се согласува дека ирачкиот лидер веројатно ќе употреби хемиско оружје. Генералот Мек Инереј е дури изненаден што Садам Хусеин не го употребил кога американските сили биле концентрирани долж ирачко-кувајтската граница.

„Успешниот дел од оваа кампања е дека тој не го употреби оружјето кога имаше најдобра можност, кога се уште пристигнуваа војниците. Сега може да го употреби само од артилериска позиција додека трпи бомбардирање од воздух и притисок од копно. Се уште мислам дека ќе се обиде да го употреби. Но, ќе го употреби кога ние сме најподготвени за тоа. Ќе се обиде да го употреби заради нашата моќ“, истакнува г-динот Мек Инереј.

Американскиот генерал во пензија, Томас Рем има спротивно мислење.

„Колку повеќе се приближуваме кон Багдад, толку ми е потешко да замислам тој да употреби хемиско оружје, со оглед на чувствителноста на овој вид оружје на временските прилики, да употреби каков и да е вид хемикалија, агенс Ве-икс, или пак иперит, во близина на Багдад. Едноставно, ќе бидеме премногу блиску до населените области“, смета тој.

Генералот Рем, кој командувал со пешадиска дивизија за време на Пустинската луња, вели дека Садам Хусеин не би ризикувал хемикалиите, носени од ветрот, да се вратат врз Багдад.

Во врска со претстојната битка за Багдад, генералот Рем вели дека очекува коалиционите сили да бидат успешни во елиминирањето на единиците на елитната Републиканска гарда на Садам, што го опколуваат градот. Но тој вели дека борбите ќе бидат тешки.

„Главниот предизвик е паѓањето на Багдад, затоа што ако Републиканската гарда одлучи да се бори за градот, а мислам дека постојат причини така да се верува, ќе биде голем предизвик да се спроведе акција без притоа да не се уништи градот или да нема многу повредени“, додава тој.

Генералот Мек Инереј, пак, предвидува дека нема да дојде до голема битка за Багдад, туку повеќе помали судири, слични на оние што се одвиваа во јужниот град Басра.