САД ги игнорираат предлозите за враќање на прашањето со Ирак во ОН - 2003-03-26

Американски официјални лица љубезно, но решително ги отфрлаат предлозите на арапските сојузници и другитеземји во регионот за запирање на на воената акција против Садам Хусеин и обновување на политичките разговори во ОН за разоружување на Ирак.

Министрите за надворешни работи на Арапската лига, кои вчера се состанаа во Каиро побараа итно повлекување од Ирак на коалиционите сили под американско раководство, како и итен состанок на Советот за безбедност на ОН во врска со кризата.

Настрана од ова, министерот за надворешни работи на Саудиска Арабија, принцот Сауд ал-Фејзал кажа дека неговата Влада работи на посредување меѓу САД и Ирак да запрат борбите, и, како што рече, да се земе воздух, за да се види што може да се постигне со дипломатија.

На брифинг во Стејт департментот, портпаролот Ричард Баучер кажа дека САД не се запознати со некаков нов предлог на мировен договор предложен од Саудиска Арабија. Но тој беше дециден дека администрацијата на претседателот Буш не е заинтересирана за каков и да е дипломатски процес во кој ќе биде вклучена, односно ќе остане да постои, владата на Садам Хусеин.

„Ние мислиме дека времето за решенија што би се постигнале со соработка од страна на ирачкиот режим е поминато. Второ, многу јасно кажавме дека наша цел е елиминирање на оружјето за масовн уништување и ослободување на ирачкиот народ од бруталниот и корумпиран режим на Садам Хусеин. Едноставно се неприфатливи мировни предлози што би го оставиле сегашниот ирачки режим на власт, повторно да се заканува на меѓународната заедница, на соседите и сопствениот народ во Ирак“, истакна тој.

Господинот Баучер кажа дека отворањето на нова расправа во Советот за безбедност само ќе го оттргне вниманието на Советот од сегашните потреби, како што е реструктуирањето на програмата „Нафта за храна“ на ОН, со која одново ќе се воспостави протокот на неопходните добра за ирачкиот народ.

САД заедно со Британија се спонзори на резолуција на Советот за безбедност со која привремено ќе им се даде овластување на ОН да ја заменат ирачката влада во улогата на главен снабдувач на храна, лекови и други неопходни производи за Ирачаните.