САД побараа ОН да не дозволат Ирак да преседава со Конференцијата за разоружување - 2003-02-13

Помошникот државен секретар за контрола на оружјето, Стефан Рејдмејкер на форумот изјави дека е неприфатливо Ирак, држава која, рече тој, не ги почитува резолуциите на Советот за безбедност, да му се дозволи да го преземе претседателството на групата идниот месец.

„Да и се дозволи на земја што е 12 години под санкции бидејќи не се разоружува, да го преземе претседателството со институција наречена Конференција за разоружување, ќе значи уништување на оваа институција. Сметаме дека другите земји што тука се претставени имаат исто мислење дека би било крајно недопустливо за оваа конференција да дозволи таква земја да го преземе претседателството. Затоа ќе настојуваме во соработка со нив да спречиме тоа да се случи“, истакна господинот Рејдмејкер.

Претседателството со Конференцијата за разоружување што ја сочинуваат 66 држави, месечно ротира според азбучен ред. Во моментов со групата претседава Индија, а Ирак е предвидено да го преземе претседателството на 17-ти март.

Господинот Рејдмејкер кажа дека САД ги разгледуваат сите опции, вклучувајќи и напуштање на состанокот во март. Франција вели дека групата западни земји се здружува за да изврши притисок ирачката делегација да се повлече.

Но, такво единство меѓу западните земји не беше покажано минатиот месец, кога Либија беше избрана да претседава со највисокото тело на ОН за човекови права. Господинот Рејдмејкер кажа дека улогата на Либија, заедно со можно претседателство на Ирак со телото за разоружување, само ќе ги ослабне ОН.

„Тоа, заедно со ирачко претседателство на Конференцијата за разоружување, ќе предизвика огромно дискредитирање на овие институции на ОН што дејствуваат во Женева“, вели господинот Рејдмејкер.

Ирачката делегација во Женева соопшти дека ќе се бори против американските напори за спречување на нивното преземање на кормилото на Конференцијата за разоружување. „Тоа е наше претседателство“, кажа член на делегацијата, “ние ќе го спроведеме“.