Полицијата во Вирџинија утрово по источно американско време опколи телефонска говорница во предградие на градот Ричмонд, во федералната држава Вирџинија, на околу 25 километри јужно од местотo каде снајперистот нападна во саботата навечер. Полицијата приведе едно лице и го одвезе неговото бело комби-возило што се наоѓаше во непосредна близина на говорницата. Според најновите, засега непотврдени информации, пласирани на американските ТВ мрежи, накусо по апсењето на првото лице, во непосредна близина било приведено и второ лице.
Во серијата снајперски напади во и околината на Вашингтон од почетокот на овој месец беа убиени девет лица.
Полицијата засега не потврдува дали најновиот настан е поврзан со серијата снајперски напади, иако одвезеното комби е слично на описот на возилото што полицијата го даде во врска со нападите. Во моментов нема потврда ниту дали апсењето е поврзано со пораката оставена на местото на последниот напад, за која полицијата ненадејно ја извести јавноста доцна синоќа.
По апсењето во Ричмонд, првиот човек на истрагата за снајперските напади, шефот на полицијата во општината Монтгомери, федералната држава Мериленд, Чарлс Мус, побара од медиумите да пренесат дека „полицијата ќе одговори на пораката што ја примила“. Тој не елаборираше за каква порака станува збор.
Вниманието на американските електронски медиуми утрово е целосно насочено на овој настан.