САД  и Русија - 2002-10-10

“Гласот на Америка“ донесува различни гледишта за голем број прашања. Во продолжение следува уреднички коментар што ги одразува ставовите и политиката на американската Влада.

Студената војна заврши. И денеска, на глобални прашања, САД и Русија често работат заедно и не натпреваруваат за сфери на интерес.

САД и Русија соработуваат за намалување на тензијата меѓу Индија и Пакистан. САД и Русија соработуваат за консолидирање на мирот на Балканот. САД и Русија работат и на ставање крај на тероризмот на Блискиот Исток, за да ги доведат Израелците и Палестинците на преговарачка маса.

Намалувањето на оружјето останува главна цел на американско-руската соработка, иако, како што рече државниот секретар Колин Пауел, тежиштето на нашите напори се промени: од напреварувањето во Студената војна кон одговарање на заедничките закани.

САД и Русија, над се, се партнери во војната против тероризмот. Господинот Пауел кажа дека Русија направила драгоцен придонес во глобалната анти-терористичка коалиција. Ова вклучува воена помош, дозвола за прелетување, помош во потрага и спасување, како и соработка во спроведување на законот.

И покрај таквата соработка се’ уште има сериозни несогласувања меѓу САД и Русија. Едно од тие несогласувања, кажа државниот секретар, е нашата загриженост во врска со руското нуклеарно оружје и балистичката технологија што и натаму наоѓа свој пат во Иран. Втората загриженост е Чеченија, отцепената руска република. Господинот Пауел кажа дека руските безбедносни сили мора да ги почитуваат меѓународните човекови права во операциите во Чеченија. САД се определени за решавање на овие прашања преку дијалог.

САД и Русија можат да не се согласуваат, кажа државниот секретар Пауел, но бидејќи ние имаме толку цврсто пријателство и толку цврсти односи, можеме да се справиме и со ваквите несогласувања. Ние не градиме партнерство само за покажување. Градиме вистинско партнерство. А нашето мора да биде искрено партнерство, достојно на двете големи нации кои имаат големи одговорности и кои имаат многу да придонесат за подобар свет во 21-от век.

Тоа беше уредничкиот коментар што ги одразува ставовите и политиката на американската Влада. Доколку имате свој коментар на него, Ве молиме испратете го на адреса:

Editorials, VOA Washington DC 20237 USA

Можете да реагирате и на адреса:

www.IBB.gov/editorials

или пак на факс: 202 619 1043