Охрид ќе се брани од поплавите со вреќи песок

Охрид ќе се брани од поплавите со вреќи песок

И покрај зголемените водотеци од околните планини поради зголемената температура последниве неколку дена, нивото на Охридското Езеро вторникот забележа опаѓање. Преку портите на Црн Дрим во Струга се испуштаат околу 60 метри кубни вода во секунда. Па сепак, нивото и натаму е високо - околу 24 сантиметри над горната дозволена граница.

Вторникот напладне дојде до мало разбранување на езерските води, како опомена што следи ако се повтори јужниот бран од 20-ти февруари.

Од УХМР најавуваат дека до крајот на неделата во западниот дел од Македонија се очекуваат нови врнежи од дожд.

Координативното тело на Владата за справување со последиците од излевањата на состанок донесе мерки што ќе бидат во функција на превенција.

Во селото Пештани, на брегот на езерото, екипи на ЈП „Македонија пат" ќе поставуваат дополнителни камени насипи во најниските делови на крајбрежјето, додека тимови на Дирекцијата за заштита и спасување во критичните делови на Охрид и Струга ќе поставуваат вреќи со песок. Активностите ќе се спроведуваат во соработка со локалните самоуправи.

Според извештајот на АМСМ, поради висок водостој на реката Црн Дрим, на патниот правец Струга - Дебар, сообраќајот за патничките возила се пренасочува од Луково до Прискупштина и обратно, по локалниот пат во должина од 4 километри. Товарните возила се движат по главниот пат, но се препорачува исклучителна внимателност.