Политичка поларизираност во САД: Двопартиство во изборна година

Политичка поларизираност во САД: Двопартиство во изборна година

Внатрешните политички борби во САД се чини дека се интензивирани последнава година.

Всушност, толку е лошо што некои законодавци решија да се пензионираат наместо да се кандидираат за реизбор.

Како демократскиот сенатор Еван Бај од Индијана, на пример, кој објавувајќи ја одлуката рече дека сакал да работи за народот на Индијана, сакал да им помага на граѓаните да успеат во животот, но не го сакал Конгресот. Зашто, „дури и во време на огромни национални предизвици, овде работата не оди", кажа тој.

Последни истражувања на јавно мислење покажуваат дека големо мнозинство од Американците се или незадоволни или лути за состојбата на политиката во Вашингтон.

Ова прашање беше покренато при посетата на претседателот Обама на Републиканците од Претставничкиот дом кои се собраа во Балтимор.

„Не сме испратени во Вашингтон да се бориме во некој вид кафез за да видиме кој ќе преживее. Народот тоа не го сака. Испратени сме да работиме заедно, да решаваме проблеми, што надоаѓаат секој ден", рече тогаш Обама.

Републиканците ги обвинуваат Демократите за состојбата. Конгресменот од Џорџа, Том Прајс тогаш зашраша:

„Претседателе, колку пати од вас се чуени изјави дека Републиканците немаат идеи, ниту решенија?"

Но историчарот Мат Далек од Двопартискиот центар за политика вели дека има повеќе од доволно причини за политичка нефункционалност. Меѓу нив ги издвојува:

„Медиумите се активни 24 часа седум дена во неделата, конгресните општини се прекројуваат, парите влијаат на политиката, сето тоа постои и се заострува", вели Далек.

Но, не било секогаш така во Вашингтон. Како што вели поранешниот конгресмен Боб Едгар – некогаш политиката завршувала со денот на изборите. Оттука се работело заедно.

Но, оваа година, тешко е да се замисли дека тоа ќе се случи, особено со победата на Републиканец за Сенатот во Масачусетс, и веројатноста тие да заземат уште повеќе места на ноемвриските избори.