Филаделфија: Граѓаните се здружија да ги зачуваат домовите

Филаделфија: Граѓаните се здружија да ги зачуваат домовите

Девет часот наутро, а судницата 676 веќе е преполна со луѓе кои се во опасност да го загубат домот, но кои се надеваат дека ќе го задржат:

Џорџ Гордон трпеливо чека на шанса да се сретне со адвокатот од компанијата која ја има неговата куќа под хипотека: „Се наоѓам во неволја затоа што кога зедов кредит работев, но потоа бев отпуштен. Откако ја загубив работата, се` тргна надолу“.

Пред две години, во Филаделфија нагло нарасна бројот на домови што станаа жртви на хипотека, но градските власти, кредиторите и сопствениците на домовите се обидоа да ја надминат состојбата во која сите – губат. Така започна Програмата за превенција на запленување домови, со која сопствениците добија шанса да се сретнат со претставник од банката и да се обидат да ги преиначат условите на кредитот. Советниците за домување како Мери Кембел им помагаат на сопствениците во преговорите:

Ќе побараме дефинитивно да ја намалат каматната стапка, од 10 проценти на барем пет.

Џорџ Гордон сега работи. Сака да го реструктуира кредитот така што ратата да биде 31 процент од неговите примања.

Во преговорите, сопствениците на домови се застапени од адвокати – волонтери. Гордон може да здивне. Иако неговиот случај денес не беше решен, тој со помош на адвокатот закажа рочиште за еден месец.

Претставници на програмата велат дека таа им овозможила на 1.900 сопственици да ги задржат домовите, а уште 3.600 се во процес да го сторат тоа.