Нов дипломатски бран за решавање на името кон Скопје и Атина

Кон Скопје и Атина е насочен нов бран на дипломатски притисок од меѓународите фактори. Се бара што поскоро решавање на спорот околу името што ги блокира евроатлантските интеграции на Македонија.

САД и ЕУ овојпат истапија со презицна временска рамка. Рок за решавање на проблемот е јуни.

„Сакам да потенцирам дека постапките на Македонија во првите шест месеци од 2010-та година се апсолутно клучни во одредувањето на тоа што ќе се случи со нејзиното општество и што ќе се постигне во текот на новата деценија“, изјави американскиот амбасадор Филип Рикер.

Според него, прашањето е за тоа кое име ќе се користи во национални рамки.

„Веруваме дека проблемот може да се реши без да се влијае на идентитетот и наследството. Во првата половина на 2010 година очекуваме македонските власти да го иследат и да го решат овој проблем што трае веќе 18 години. Сега е најдобар момент“, изјави Рикер.

Тој додаде и дека Македонија со останувањето надвор од НАТО ја ризикува безбедноста и стабилноста на државата.

Во јавноста на оваа тема истапија и амбасадорите на ЕУ и Шпанија,Ерван Фуере и Марија Анхелес. Обата дипломати изразија разочараност од непостоењето на политички дијалог, неединство, дневнополитички сплеткарења и меѓусебни обвинувања.

„Факт е дека беше невозможно Европскиот совет да влијае на препораката. Можам само искрено да се осврнам на улогата на колегата Филип и да се надевам дека проблемот ќе биде решен засекогаш. На 2010-та година треба да гледаме како на предизвик кога прашањето ќе биде конечно решено. Секако, за решавањето потребни ќе бидат визија, водство и храброст“, рече Фуере.

Амбасадорката на Шпанија - земја претседавач со ЕУ изјави дека претседателството во својот шестмесечен маднат ќе го разгледа повторно прашањето за доделување на датум за Македонија, онака како што е договорено на Европскиот совет.

„Ќе ја поттикнуваме оваа европска перспектива и ќе го разгледаме прашањето на отворање на пристапни преговори со Македонија“, вели Марија Анхелес Гарсија де Лара.

На ваквите експлицитни изјави на претставниците на меѓунароните фактори, шефот на македонската дипломатија Антонио Милошоски истапи со информација дека бара официјално одржување на билатерална средба меѓу Скопје и Атина. Средбата според МНР би се одржала во Лондон, на 28-ми јануари, на маргините на меѓународната конфереција за Авганистан.

Премиерот Груевски изрази умерен оптимизам за напредок во македонско-грчките релации.

„Да се надеваме дека нешто дотогаш ќе се промени во генералното позиционирање на нашиот сосед, затоа што деновиве доаѓаат многу негативни коментари во однос на нивната позиција, но преку средби и изложување на аргументи и нови идеи можеби и ќе дојде до нешто ново“, додаде премиерот Груевски.

Во меѓувреме, на домашната политичка сцена нема позначајни померувања во однос на доближување на ставовите меѓу политичките субјекти, а во насока на градење на консензус што би ја зајакал позцијата на државата во преговарачкиот процес.