Обама ќе побара тригодишно замрзнување на трошоците за да го ублажи дефицитот

Американскиот претседател Барак Обама планира да побара од конгресот тригодишно замрзнување на трошоците за многу домашни програми, за да ја нагласи својата сериозност во однос на редуцирањето на буџетскиот дефицит.

Официјални лица на администрацијата велат дека претседателот ќе го предложи замрзнувањето при обраќањето до нацијата за состојбата во која се наоѓа државата, во среда, и тоа ќе биде вклучено во буџетот што ќе го достави до конгресот на први февруари.

Планот, што се очекува да заштеди околу 250 милијарди долари во текот на наредната деценија, нема да се однесува на трошоци за одбраната, ветераните, домашната безбедност и помошта за странство.

Белата куќа беше под притисок да го намали претераното трошење, по рекордниот 1,4 трилионски буџетски дефицит во фискалната 2009. Во вторник, непартиската конгресна Канцеларија за буџет процени 1,3 трилиони дефицит за 2010.

За време на обраќањето Обама се очекува да ги детализира економските иницијативи за помагање на семејствата со средни примања и за креирање работни места.