Специјалниот американски пратеник за Блискиот исток Џорџ Мичел, во време кога Вашингтон почнува нова рунда разговори на високо ниво за заживување на мировниот процес, вели дека преговорите меѓу Израел и Палестинците треба да донесат договор за „не подолго од две години “.
Портпаролот на Стејт департментот Пи-Џеј Кроли рече дека државната секретарка Хилари Клинтон се среќава со колеги од Јордан и Египет во Вашингтон за покренување на процесот. Во разговорите ќе учествува и Мичел.
Потоа Мичел ќе замине за Европа и Блискиот исток и ќе работи на поставување услови и обезбедување на меѓународен притисок зад преговорите.
САД се очекува да притиснат за разговори базирани на границите од 1967-ма, во исто време дозволувајќи му на Израел да присвои некои населби во Западниот брег.
Израелско-палестинските мировни преговори се во застој изминатите месеци, особено поради проблемот со израелските населби на Западниот брег.
Таканаречениот меѓународен Квартет го повика Израел да престане со изградба на доселенички населби, а палестинските лидери ги повика да се борат против насилниот екстремизам.