Кина: Дипломатијата е најдобар начин да се реши иранското нуклеарно прашање

Кина повика на дипломатски напори за разрешување на контроверзата во врска со иранската нуклеарна програма, велејќи дека „дијалог и преговори" се најдобар начин да се постапи по прашањето.

Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи во вторник кажа дека Кина се надева оти сите држави инволвирани во разговорите за Иран ќе применат „пофлексибилен и прагматичен" приод.

Неговите забелешки дојдоа еден ден откако американската државна секретарка Хилари Клинтон кажа дека Вашингтон започнал разговори со своите сојузници за поставување нови санкции спрема Иран заради нуклеарната програма.

Клинтон исто така кажа дека САД сакаат да ја држат вратата отворена за дијалог со Иран. Но таа додаде дека Вашингтон не може да продолжи да чека додека иранските претставници зборуваат за зголемување на производството на високо-збогатен ураниум.

Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи во вторник одговори на забелешките на Клинтон, велејќи дека поставување на каков било рок би било без значење.