Убиен шеф на нарко-картел во Мексико

Мексиканските власти соопштија дека Артуро Белтран Лејва, водачот на еден од најмоќните картели за дрога, загинал во престрелка со полицијата во станбен комплекс во градот Куернавача. Биле убиени и тројца други членови на бандата, а еден извршил самоубиство.

Смртта на Белтран Лејва претставува победа за акцијата на претседателот Фелипе Калдерон против нарко-картелите. И покрај тоа што тој намени 50.000 припадници на безбедносните сили за справување со картелите откако ја презема функцијата во 2006-та, во насилствата поврзани со дрогата загинаа над 14.000 лица.

Белтран Лејва, познат како „шеф на шефовите“, раководел со картелот што го носел неговото име заедно со четворица браќа. По него беше издадена потерница и од американските, и од мексиканските власти.