Северна Кореја: Разговорите со САД ги намалиле разликите меѓу двете земји

Северна Кореја вели дека ќе продолжи да соработува со САД, еден ден откако американскиот претставник ги заврши разговорите во Пјонгјанг.

Државната новинска агенција Кеј-Си-Ен-Еј во петок кажа дека разговорите со вишиот американски дипломат во пензија, Стивен Босворт, ги намалиле разликите меѓу Пјонгјанг и Вашингтон.

Агенцијата вели дека Пјонгјанг е сериозен околу имплеметирање на договорот за постепено разоружување од септември 2005, во замена за дипломатски ангажман и материјална помош.

Северна Кореја додаде и дека разговорите биле „искрени и се воделе во бизнис-атмосфера“.

Босворт изјави дека разговорите со клучни севернокоресјки претставници, резултирале со заедничко разбирање за потребата од обнова на процесот на разоружување. Тој подвлече и дека пред претставниците на Северна Кореја рекол дека САД се залагаат за „комплетна денуклеаризација на Корејскиот Полуостров“.