Гугл воведува промени во
начинот на кој работи со новински извештаи, во очигледен обид да ги задоволи обезбедувачите на
вести кои тврдат дека гигантот за пребарување на Интернет ги обезвреднува
нивните напори да им наплатуваат на
претплатниците.
Во постиран блог наречен
„Првиот клик бесплатен", менаџерот на Гугл Џош Коен напиша: „Претходно, секој
клик од корисник беше бесплатен. Сега, ние ја променивме програмата така што
издавачите можат да ги ограничат корисниците на не повеќе од пет страници
дневно без да се регистрираат или да се претплатат."
Овој изненадувачки потег дојде
по извештаите дека претседателот на Новинската корпорација Руперт Мурдок е во
дискусија со Мајкрософт да овозможи платен приод на содржините што ги
обезбедува Новинската корпорација преку ривалскиот пребарувач Бинг.
Џон Ридинг, директор на
„Фајненшл тајмс", меѓународен весник со седиште во Британија, го поздрави
потегот: „Мислам дека за индустријата во целина ова е многу интересно и
потенцијално важно зашто има многу издавачи кои се` уште не развиле модели за
наплатување за користење на нивните содржини, а кои се соочени со циклично и
структурно опаѓање во приходите од рекламирање."
Во време кога тиражот на
весниците рапидно се намалува во светот,
веб страницата FT.com (на Фајненшл тајмс) вели дека
претплатите се зголемиле за 22 проценти,
додека приходот скокнал за 30 проценти.
„Ние веќе имаме успешен модел за наплатување на нашите услуги, што добро функционира, и гледаме скок во претплатата и приходот од неа", вели Ридинг.
Читателите на Фајненшл тајмс на Интернет во моментов имаат приод до десет бесплатни написи месечно пред од нив да биде побарано да се претплатат. Но, Ридинг вели дека нивниот весник работи на микронаплатен систем што треба да биде претставен на почетокот на следната година.
Ридинг вели дека
најголемото прашање е да се утврди која содржина е вредна во дигиталната ера.