Иран можеби ќе прифати нуклеарен договор

Иранската државна телевизија јави дека земјата ќе ја прифати општата рамка на договорот за збогатување на ураниум, постигнат со посредништво на ОН, но ќе бара одредени „важни промени" во него.

Телевизијата ја објави информацијата во вторникот, повикувајќи се на неименувани официјални лица поврзани со иранскиот преговарачки тим за нуклеарната програма. Иран наводно ќе го даде својот официјален одговор на предлогот на ОН „во рок од 48 часа".

Предлогот на Меѓународната агенција за атомска енергија налага Иран да го испраќа својот ураниум во странство, каде би се вршело негово збогатување со понизок интензитет. Целта е Иран да не може да збогатува ураниум на ниво што би можело да се искористи за производство на нуклеарно оружје.

Иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад во вторникот најави дека Иран ќе продолжи со нуклеарната програма. Тој кажа дека кога еден „илегален режим" поседува нуклеарно оружје, невозможно е на другите земји да им се порекне правото да поседуваат „нуклеарна енергија за мирнодопски цели". Коментарот, што беше очигледна референца на Израел, Ахмадинеџад го даде за време на средбата со турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган, кој при посетата на Иран даде поддршка за нуклеарната програма на Техеран.