Научниците од Универзитетот Харвард во Масачусетс, велат дека се возбудени заради реалните можности еден ден да се изработи лек што би им помогнал на парализираните пациенти да можат повторно да ги движат своите екстремитети.
Експертот Џон Фланаган вели дека тимот научници можно е да открил начин за повторно прикачување на нервните клетки, или неврони, оштетени со некој вид траума.
„По вакви повреди, во суштина нервни клетки не умираат, можат да останат во телото на човекот додека е жив. Но, нервните влакна од тие нервни клетки, не се обновуваат преку лузната“, вели Фланаган.
Нервните влагна ги пренесуваат електричните сигнали од мозокот што го контролираат движењето.
Парализата се случува кај лицата со повреди на `рбетниот столб бидејќи околу раната се формира ткиво за да спречи натамошни оштетувања и за да ја ублажи повредата, притоа прекинувајќи ги нервните влакна.
Фланаган додава дека научниците веќе две децении знаат дека инхибиторни молекули ослободени од тоа ткиво се спојуваат со оштетените нервни влакна, спречувајќи ја регенерацијата на невроните.
Овој стручњак вели дека научниците минале години во потрага по молекуларниот механизам што ги спречува нервните влакна повторно да се спојат.
„Токму тоа сега го откривме, местото на самите неврони каде тие инхибиторни молекули се спојуваат и ги спречуваат нервните клетки да ги развијат своите влакна“, истакна Фланаган.
Тој додава дека научниците откриле нејасна група на пристанишни станици или рецептори на невроните на кои се припојуваат инхибиторните молекули за спречување на повторно израснување на нервните влакна.
Фланаган вели дека со ова знаење ќе може да се развие соединение што ќе ги онеспособи молекулите на лузната. Но, тој додава дека за таков лек ќе треба да се почека барем пет години.
Написот за студијата за регенерација на нервните клетки е објавен во овонеделното издание на журналот „Наука“.