Северна Кореја се закани на Јужна Кореја за поморската граница

Северна Кореја најави дека може да дојде до поморски судири со Јужна Кореја доколку официјален Сеул продолжи да распоредува воени бродови во водите што Северна Кореја ги смета за своја територија.

Во соопштение на официјаланата Корејска централна новинска агенција објавено во четвртокот, армијата на Северна Кореја ги опиша наводните акции на Јужна Кореја во Жолтото Море како „опасни армиски провокации“.

Обете страни беа вклучени во крвави поморски инциденти во 1999-та и 2002-та година околу спорната поморска граница западно од Корејскиот Полуостров. ОН ја поставија границата по Корејската војна меѓу комунистичкиот Север и демократскиот Југ од 1950-та до 1953-та, меѓутоа Северна Кореја не ја признава.

Пјонгјанг изминативе недели му понуди на Сеул помирувачки гестови, како на пример извинувањето упатено во средата за испуштање на огромна количина на вода од брана што минатиот месец предизвика поплава во погранично подрачје во која загинаа шестмина Јужнокорејци.