ОН: За климатските промени е потребна поддршка од светските лидери

Висок официјален претставник на ОН за климатските промени рече дека во меѓународните разговори има напредок, но дека може да пропаднат доколку изостане поддршката од светските лидери.

Иво де Боер вели дека процесот на положување темели за глобален договор има потреба од поддршка од политички лидери на највисоко ниво за да даде резултат.

Де Боер говореше во Банкок каде експерти од 180 нации се собраа да работат на нацрт-договорот за декемвриската конференција за климатски промени во Копенхаген. Средбата завршува во петок.

Иако сите страни се согласија дека емисијата на испуштање јаглероден диоксид во атмосферата треба да биде драстично намалена, начинот на усогласување на напорите во таа насока и прашањето за тоа кој ќе ја подмири сметката – останува отворено.

Финансирање на сиромашните нации е клучно прашање во постигнувањето нов договор за климатските промени кога глобалните лидери ќе се сретнат во декември.

Де Боер рече дека значителен напредок за прашањето за финансирање треба да им помогне на преговарачите да го забрзаат процесот напред.