Во понеделник почнува новата сесија на американскиот Врховен суд

Врховниот суд традиционално започнува со работа на првиот понеделник во октомври и вообичаено ги завршува случаите до јули наредната година.

Изминативе неколку години судот во просек годишно разгледуваше околу 80 случаи, а до него се доставени околу 8.000 различни барања.

Судијката Соња Сотомајор е најновиот член на Врховниот суд, откако Сенатот во август ја потврди нејзината номинација. Таа е првиот судија од латино-американско потекло во рамки на 9-члениот суд и втор судија-жена на оваа функција.

Сотомајор за телевизијата Си-Спен изјави дека претседателот Барак Обама од неа побарал да даде две ветувања, кусо време откако ја прифатила понудата да биде номинирана за судијка во Врховниот суд.

„Првото ветување беше да останам личност каква што бев и второ, да останам во контакт со мојата заедница. Му одговорив дека тоа се лесни ветувања, бидејќи знам дека тоа се две работи кои никогаш нема да ги променам“, вели Сотомајор.

Во претстојните девет месеци колку што ќе трае сесијата, Врховниот суд ќе има можност да расправа по важни прашања, како правото за поседување оружје, анти-терористичките закони, слободата на говор и казна за малолетни криминалци.

Генерално, петмина од деветтемина судии во Врховниот суд го сочинуваат конзервативното мнозинство, вклучувајќи го главниот судија Џон Робертс.

Судијката Сотомајор се очекува да застане на страната на либералното малцинство во судот, следејќи ги стапките на судијата што го заменува, Дејвид Саутер.

Врховниот суд се очекува наскоро да донесе одлука по случајот што остана неразрешен од претходната сесија, а тоа се ограничувањата на корпорациите и работничките синдикати кои даваат финансиски придонес на политичарите за време на нивните кампањи.