Бројот на загинати во силниот земјотрес што во средата ја погоди Индонезија нарасна на најмалку 530, а илјадници лица се` уште се затрупани во урнатините, соопштија индонезиски претставници. Властите стравуваат дека конечниот број би можел да биде илјадници.
Потресот беше со јачина од 7,6 степени и епицентар близу индонезискиот остров Суматра. Штетата допрва треба да биде утврдена.
Најголем број на загинати има во градот Паданг на Суматра, каде најмалку 500 згради - меѓу нив и болница, хотел и училишни установи - не го издржаа потресот. Во ова крајбрежно место живееја 900.000 лица.
Додека спасувачките екипи трагаа по преживеани, во четвртокот во друг дел на Суматра се случи уште еден посилен земјотрес, предизвикувајќи паника меѓу населението.
Индонезиската влада испрати лекарски екипи и армиски авиони да помогнат во отстранување на последиците од несреќата и најави 10 милиони долари итна помош.