Граѓаните на Македонија се убедливо најголеми евроентузијасти во споредба со грагаѓаните од другите две земји-кандидатки за членство во ЕУ, Турција и Хрватска. Процентот на граѓани кои сметаат дека членството во Унијата е добра работа останал непроменет во изминатите шест месеци - 64%. Тоа се однесува и на процентот на оние кои очекуваат придобивки од зачленувањето во ЕУ - 74%, што е значително поголем процент во споредба со останатите две земји-кандидатки, покажува последното испитувањена Евробарометарот што се спроведува двапати годишно во зeмјите-членки на ЕУ и земјите - кандидатки за членство.
Слободата на патување, студирање и работа насекаде во Европа е позитивен аспект што испитаниците во Македонија најчесто го поврзуваат со ЕУ. Сепак, во спротивност со позитивната слика за Унијата е чувството кај јавноста за неприфатеност од страна на ЕУ. Мнозинството испитаници сметаат дека Унијата не ги зема предвид нивниот и гласот на нивната земја.
Истражувањето покажува дека довербата на грaѓаните на Македонија опаѓа во однос на домашните институции додека се забележува благ пораст на довербата во инситуциите на ЕУ.Испитаниците во најголем број се доживуваат како жители на регионот - 95%, потоа 85 % како жители на Македонија, а најмалку како Европејци.
Испитувањето покажува и дека граѓаните на Македонија и натаму најмногу ги оптоваруваат економската ситуација и невработеноста.
Според испитаниците, најважни елементи што го сочинуваат европскиот идентитет се демократските вредности и високото ниво на социјална заштита.
Примерокот на граѓани кои учествуваа во ова истражување е репрезентативен за мислењето на населението на возраст од 15 години па нагоре и претставува индикатор за ставовите и размислувањата на сите социјални, професионални и возрасни групи од урбаното и руралното население, се вели во соопштението на Евростат, агенцијата на ЕУ која ги врши ваквите истражувања.