Русија бара гаранции од САД за ракетните пресретнувачи

Русија вели дека сака гаранции од Вашингтон дека ревидираниот американски план за противракетна одбрана нема да претставува опасност по нејзината безбедност.

Рускиот претставник во НАТО Дмитри Рогозин изјави дека САД мора да ја убедат Русија дека новиот американски систем е дизајниран да пресретне само проектили од краток и среден дострел. Во говор во Москва, тој воедно побара гаранции од американска страна дека пресретнувачите лоцирани на бродови нема да бидат блиску до руското крајбрежје.

Претседателот Барак Обама месецов го промени планот на претходната американска влада за инсталирање на штит за противракетна одбрана во Полска и Чешката Република. Москва енергично беше против штитот, тврдејќи дека го прекршува она што Москва го смета за своја традиционална сфера на влијание.

Обама и американскиот секретар за одбрана Роберт Гејтс го опишуваат новиот план како флексибилен систем на пресретнувачи на проектили стационирани на море, што би штителе од проектили од Иран.