Самоубиството - водечка причина за смрт ширум светот

Светската здравствена организација вели дека годишно од самоубиство умираат околу еден милион луѓе. Тоа значи дека дневно од оваа причина умираат околу 3.000 лица, или еден смртен случај на секои 40 секунди.

Организацијата додава дека бројот на смртни случаи во светот, причинети од самоубиство, се зголемил за 60 проценти и предвидува дека до 2020-та година, оваа цифра ќе изнесува 1,5 милион самоубиства.

Светската здравствена организација додава дека на овие смртни случаи отпаѓа повеќе од половина од смртните случаи од војни или убиства заедно, а речиси четвртина од овие лица се тинејџери и млади на возраст под 25 години.

Агенцијата додава дека самоубиства изведуваат повеќе мажи отколку жени, но дека повеќе жени се обидуваат да се самоубијат споредено со мажите.

Александра Флеишман, од Одделот за ментално здравје и злоупотреба на лекарства при Светската здравствена организација, вели дека ризичните фактори варираат во различни култури.

„На пример, познато е дека менталното заболување како депресијата или злоупотребата на алкохол, имаат голема улога во самоубиствата во европските земји. Меѓутоа треба да погледнеме и во случувањата во земјите од Азија, каде импулсивноста игра многу поголема улога“, вели Флеишман.

Агенцијата наведува дека културните разлики, погледи и односот кон самоубиството, влијае на тоа дали луѓето ќе се обидат да се самоубијат и дали самоубиствата ќе бидат точно регистрирани.

Светската здравствена организација уште вели дека најмногу самоубиства се случуваат во Азија, но дека источноевропските земји имаат највисок процент на самоубиства. Најмал број на смртни случаи од самоубиства се забележани на Медитеранот, во земји во Латинска Америка и Азија со доминантно католичко население, и во муслиманските земји како Пакистан.

Светската здравствена организација истакнува дека самоубиството може да се спречи. Агенцијата вели дека образованието на локално ниво е важно за да се идентификуваат ризичните категории лица и да се поттикнат оние кои се наоѓаат во ризик да побараат помош.