Република Македонија во вторникот одбележа 18 години од
референдумот на кој граѓаните се изјаснија за самостојна и суверена држава.
Денот на независноста беше одбележан во Собранието каде
домаќин на бројните актуелни и поранешни политичари и претставници на
дипломатскиот кор беше претседателот на пратеничкиот дом Трајко Вељановски. Главната порака од свеченоста беше дека
Македонија по 18 години независнот стекнала полнолетност и дека како таква го
има своето место во евроатлантските институции, што беше и нејзина стратешка
цел зацртана при прогласувањето на независноста.
„Сакам да верувам дека и нашиот јужен сосед, тргнувајќи
од својата демократска традиција, ќе ги почитува европските стандарди и
критериуми, (дека) нема да се повтори Букурешт, бидејќи нашето приближување и
членството во ЕУ е во интерес како на Македонија, така и на целиот регион",
изјави Вељановски.
Слични пораки упатија и присутните на свеченоста од
составот на првата влада на независна Република Македонија.
„Не треба да ја испуштиме перспективата на Македонија во
евроатлантските интеграции, а немаат право да ни го спречуваат тоа. Тоа цел свет го знае", кажа Блаже Ристески,
академик и поранешен потпретседател во првата влада.
Порака за успешна евроатлантска интеграција на Македонија
имаше и амбасадорот на САД Филип Рикер.
„Ние сакаме да ја видиме Македонија како член на НАТО и
член на ЕУ. Ова е американската
политика", рече Филип Рикер.